Германски суд забрани депортација на бегалци во Грција поради ризик од нехуман и понижувачки третман

Германското правосудство донесе одлука бегалците на кои им е одобрен азил во Грција дека не смеат да се враќаат таму поради „сериозен ризик од нехуман и понижувачки третман“, стои во одлуката објавена денес, пренесува „Данас“.

Судот во Минстер оцени дека барањата за азил во Германија на лицата кои веќе добиле статус на бегалци во Грција не можат да бидат одбиени. Одлуката која беше донесена на 21 јануари, судиите ја образложија со ризиците на кои се изложени бегалците доколку бидат вратени во Грција.

Судот одлучуваше по две жалби, едната на Палестинка од Сирија и на еден бегалец од Еритреја, кои добија меѓународна заштита во Грција. Нивното барање за азил во Германија беше одбиено, но според оваа пресуда, на луѓето им се заканува „крајна материјална мизерија“ доколку бидат вратени во Атина.

Организациите за човекови права и права на бегалците постојано ги осудуваат катастрофалните услови во кои се наоѓаат барателите на азил во Грција, а по добивањето на статус на бегалци, овие луѓе живеат во многу тешки услови, без сместување и вработување.

Грција е главната влезна точка за бегалците од Блискиот исток и Авганистан на патот кон земјите од Европската Унија.