Германски фризери протестираат поради уредните фризури на фудбалерите во сред карантин

Националното здружение на фризери и бербери на Германија денеска објави отворено писмо до претседателот на Германската фудбалска асоцијација Фриц Келер, во кое се наведува дека тие веруваат како многу фудбалери неодамна биле потстрижени, иако фризерските салони се затворени од 16 декември, пренесува „Данас“.

Во Германија на сила се строги ограничувања за посета на домаќинства за време на најновиот карантин поради пандемијата со Ковид-19, што на многу граѓани не им остави друг избор освен да изберат помеѓу обраснат изглед или нивно нерамномерно дотерување.

Од здружението наведоа дека виделе играчи со потстрижана коса на вратот, но и други останати детали, за кои велат дека може да ги направат само професионални фризери, со професионална опрема.

Истовремено, од здружението наведуваат дека постапките на фудбалерите ги охрабруваат луѓето да ги убедуваат берберите тајно да ги потстрижуваат, во време кога фризерите губат голем дел или целиот свој приход.