Германски филмови во девет градови во Македонија

Под мотото „Го сакам филмот“ (Ich liebe film), во киното „Милениум“ во Скопје вчеравечер започна Неделата на новиот германски филм, во чии рамки ќе биде прикажано 61 филмско дело во девет македонски градови: Скопје, Тетово, Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Струмица, Велес и во Куманово.

Германски филмови во девет градови во Македонија

На ова фестивалско издание ќе бидат прикажани филмови за најмладите, драмски екранизации, како и документарни филмови, а Фестивалот ќе се одржува до 17 октомври.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, во Република Македонија, Гудрун Штајнакер, рече дека фестивал на новиот германски филм има за цел да придонесе во развојот на кино-културата во неколку градови во земјата и повторно заживување на затворените кина.

„Со нетрпение го очекувам јубилејното 10-то издание на Германскиот филмски фестивал, со којшто ќе се одбележи германско-македонското филмско пријателство. Овој културен дијалог меѓу нашите две земји не би можел да се оствари без вашиот интерес и вашата поддршка за германскиот филм“, рече Штајнакер.

Со почетокот на фестивалот, во киното Фросина официјално ќе биде пуштен во употреба новиот дигитален проектор, кој е дел од најновата модернизирана опрема на Младинскиот културен центар. Во реновираното Џебно кино, исто така е поставен дигитален проектор, и овој простор, како и киното „Фросина“, во иднина ќе функционира како кино сала, со редовен филмски репертоар.

Погледнете ја програмата на Фестивалот на нов германски филм.

Извор: Cooltura.mk