Полицијата во Германија објави дека открила илјадници таблети од дрогата често користена на забави, екстаза, во обликот на главата на Доналд Трамп. Пронајдената количина има улична вредност од околу 39.000 евра.
Локалната полиција во Оснабрук, во северозападна Германија, вели дека ги нашле таблетите додека проверувале автомовил регистриран во Австрија на автопатот А30 во саботата.
Луѓето во возилото, 51-годишен маж и неговиот 17-годишен син, им рекле на полицајците дека биле во Холандија за да купат возило, но не успеале па се враќаат дома.
Од полицијата велат дека нашле околу 5.000 таблети со портокалова боја и ликот на Трамп „изгравиран“ на нив, заедно со голема количина на пари во готово.
Судија во саботата одредил мерка притвор за таткото и синот. Автомобилот бил конфискуван.