Германија лансираше веб страница за сексуална едукација за бегалците

Поради обвиненијата за силување и други прекршоци кои се сé почести меѓу мигрантите, Германија лансираше посебна веб страница која ќе ги едуцира нејзините нови граѓани за европските сексуални вредности и репродуктивното здравје.

Веб страницата именувана „Занзу: Моето тело низ зборови и слики“ е креирана од германското Министерство за здравје кон крајот на февруари.

Порталот е достапен на 12 јазици, меѓу кои и англиски, француски и арапски, а е смислен „да им даде на мигрантите, кои се во Германија кратко време, можност да се информираат себеси за сексуалното и репродуктивното здравје“, цитира германската верзија The Local.

Занзу нуди детален поглед на сите аспекти на сексуалниот живот, допирајќи ја и физичката и легалната страна.

Ги опишува машките и женските гениталии, а дава и корисни совети за сексуална хигиена.

Посебен дел од веб страницата е посветен на сексуално преносливите инфекции, а има и анимиран филм за тоа како треба да се стави кондом. Може да се најде и контакт од центри за советување и медицински институции кои нудат асистенција.

Веб страницата потенцира и дека и мажите и жените можат да уживаат орален секс, како и дека мастурбацијата не е штетна или погрешна.

Извор: Ruptly