Германија денеска ќе затвори три од своите последни шест нуклеарни централи, Брокдоф, Гронд и Гундреминген, пренесува „ЕУ Обзервер“.
По несреќата во централата Фукушима Даичи во Јапонија во март 2011 година, големо мнозинство од федералниот парламент (Бундестагот) одлучи дека земјата постепено ќе ја укине нуклеарната енергија до крајот на 2022 година.
Трите преостанати електрани – Исар 2, Емсланд и Некарвестхајм II – ќе бидат исклучени следната година.
Германија има за цел да одговори на 80 отсто од побарувачката на електрична енергија до 2030 година преку ветер и сончева енергија. Нуклеарните централи придонеле само 12 отсто во германската енергетска мешавина во 2021 година, во споредба со 41 отсто обновлива енергија, 28 отсто јаглен и 15 отсто гас.
Неодамна, во писмото насловено „Драга Германија, те молам остави ги нуклеарните централи на мрежата“ објавено во весникот „Дај Велт“, група потписници, вклучително активисти, истражувачи и про-нуклеарни групи, се расправаа против затворањето на последните преостанати нуклеарни централи.
„Слонот во собата е дека Германија ги зголемува емисиите на јаглерод во својот енергетски систем со излегување од нуклеарната енергија“, велат тие.
Економистите од Германскиот институт за економски истражувања напишаа во неодамнешниот труд дека: „падот на нуклеарната енергија привремено ќе доведе до поголема употреба на фосилните енергии“. Сепак, „забрзаното проширување на обновливите енергии“ брзо ќе го изедначи зголемувањето, заклучија тие.
Новата германска влада на социјалдемократите, Партијата на зелените и либералите, која ја презеде функцијата во декември 2021 година, се согласи во коалицискиот договор дека се залагаат за нуклеарното укинување.
„Нуклеарната енергија нема да го направи нашето снабдување со енергија ниту побезбедно, ниту поевтино. Технологијата што нема решение за отстранување на отровниот отпад не може да биде одржлива“, рече новата министерка за животна средина, Штефи Лемке во декември.
Мнозинството од германското население и понатаму го поддржува нуклеарното укинување со текот на годините.
Демонтажата на локациите се очекува да заврши до 2040 година.