Германија ќе плати 30 милиони евра на осудените хомосексуалци

Германија финансиски ќе компензира илјадници мажи кои биле во затвор за нивната сексуална ориентација според параграфот 175, член од стариот германски кривичен закон, кој продолжил да се применува до доцните 1960-ти години.

Според планот, за компензацијата на осудените хомосексуалци ќе се издвојат 30 милиони евра, пренесува Дојче Веле според објава на германскиот весник Зидојче Цајтунг.

Германскиот министер за правда, Хејко Мас од Социјал-демократите, рекол за весникот дека компензацијата ќе „зависи од конкретни индивидуални случаи“, во кои ќе се зема во предвид времетраењето на затворската казна.

Нацрт законот, кој формално ќе биде објавен овој месец, ќе обештети „релативно едноставни индивидуални барања“, рекол Мас. Законот ќе овозможува и колективна компензација, додека криминалните досиеја на осудените хомосексуалци ќе бидат расчистени.

Министерот очекува повеќе од 5 илјади луѓе да поднесат барања за оваа постапка.

Озлогласениот „Параграф 175“, бил дел од германското законодавство од 1871 до 1994 година, според кој хомосексуалните односи помеѓу мажите биле кривично дело.

Преку 140 илјади мажи вкупно биле осудени, а околу 50 илјади од нив по крајот на Втората светска војна.

Анти-хомосексуалниот параграф бил засилено спроведуван за време на нацистичкото владеење, во кое илјадници хомосексуалци, или бисексуалци биле носени во концентрациони логори.

По војната, хомосексуалците биле повторно апсени. Покрај затворските казни, тие често ги губеле работните места и домови и трпеле социјална изолација.

Во 1968 година, поранешната Источна Германија престанала да го применува законот, една година пред Западна Германија. Законот е конечно целосно отстранет во 1994 година.

Осудите од нацистичкиот период биле расчистени во 2002 година, но немало помилување за оние осудени претходните 70 години.

Зелените и левичарските партии од Германија постојано бараа компензација за засегнатите од овие законски одредби. Порпаролот на Зелените, Катја Кеул недостатокот на желба да се надоместат жртвите до сега ја нарече „монструозен срам“.