Германија го отвора првиот електричен автопат за камиони

Камионите трошат се повеќе дизел, ги загадуваат градовите и имаат свој придонес во климатските промени. Германија смета дека е најден одговорот со користење надземни водови, јавуваат европските медиуми.

Системот кој им овозможува на камионите да црпат електрична енергија од надземните кабли стапи во функција вчера, на 10 километри од автопатот А5, соопштија од германската влада. Ова е прв ваков проект на јавен пат во Германија.

Системот е разработен од Сименс и им овозможува на камионите да се движат по патиштата поврзани преку електрични линии, при што можат да развијат брзина од 90 километри на час. Од Сименс сметаат дека системот може да се интегрира на веќе постоечката патна инфраструктура, што го прави практичен начин за намалување на емисиите на јаглероден диоксид и потрошувачката на енергија во места каде железниците се неизводливи.

Камионскиот транспорт е најбрзо растечкиот извор на побарувачка на нафта во светот според Меѓународниот транспортен форум, кој е дел од Организацијата за економска соработка и развој. Кратењето на емисиите на јаглероден диоксид во транспортот е клучен дел од Парискиот климатски договор од 2015, кој има за цел да го ограничи глобалното затоплување. Проектите како овој во Германија можат да бидат решение кое вклучува зголемено користење на железницата и употреба на електрични возила.