Германец избран за градоначалник на романскиот град Темишвар

Жителите на Темишвар, третиот по големина град во Романија, во неделата избраа нов градоначалник за следните четири години – кој всушност е германски, наместо романски граѓанин.

Доминик Фриц освои 54,8 проценти од гласовите, победувајќи го актуелниот градоначалник Николае Робу – кој ја загуби кандидатурата за трет мандат водејќи го најголемиот економски и културен центар на западна Романија.

Меѓународното внимание на 37-годишниот победник беше поттикнато од фактот дека Фриц станува првиот странец што е избран за градоначалник на кој било романски град.

Фриц нема романско државјанство и романски пасош. Тој е роден и израснат во регионот на Шварцвалд во Германија, живеел во Берлин каде што работел во канцеларијата на поранешниот германски претседател Хорст Келер и бил член на „Зелените“ до 2019 година.

Тој првпат дошол во Тимишвар на 19-годишна возраст, волонтирајќи некое време во локалното сиропиталиште.

Фриц има дозвола за престој во Темишвар. Според европските закони, оние со престој можат да гласаат и да се кандидираат за избори каде било во ЕУ и на локалните и на изборите за Европски парламент.

Ова право беше вклучено во романското законодавство во 2015 година: „Граѓаните на Европската унија кои имаат престој во Романија имаат право да избираат и да бидат избрани под истите услови како романските граѓани, во согласност со одредбите на законот“.

По неговата победа за време на викендот, Фриц сега се приклучува на избраната група Европејци кои управуваат со град во земја различна од нивната.

„Со својот глас, луѓето од Темишвар испишаа историја не само во Романија, туку и во Европа. Тие избраа европски градоначалник за европски град. Темишвар беше, е и ќе биде европски град“, рече Фриц за „ЕУобсервер“ по неговата победа.

За време на кампањата, Фриц вети дека ако биде избран ќе го модернизира јавниот превоз на Темишвар, ќе го претвори градот во економски, технолошки и културен центар и ќе ја дигитализира локалната администрација.

Романската револуција во 1989 година со која беше симнат долгогодишниот комунистички лидер Николае Чаушеску започна во Темишвар.

Градот се очекува да ја носи титулата европска престолнина на културата во 2023 година.