Илјадници луѓе во Германија кои имаат потекло од мигрантски семејства споделуваат приказни за секојдневната дискриминација со која се соочуваат користејќи го хаштагот MeTwo, инспириран од фудбалската ѕвезда Месут Озил, кој се повлече од националниот тим на Германија од истата причина.
„Кога јас сум единствената личност што не е бела, во преполн воз, полиција кога влегува јас сум единствениот од кого се бара лична карта“, напиша репортерот на „Шпигел“ Хасниан Казим, откако дискусијата стана тренд на Твитер.
Кампањата ја започна турскиот писател и активист за човекови права Али Кан, кој го поттикна хаштагот #MeTwo – игра на зборови кои потсетуваат на движењето #MeToo, кое ги прикажува секојдневните искуства на жените со сексуално вознемирување, и коментарот на Озил за тоа дека има „две срца“.
Тој во неделата соопшти дека повеќе нема да игра за националниот тим на Германија откако се соочил со навреди по објавување на фотографија во која стои до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Јас имам две срца, едно германско и едно турско“, напиша Озил, кој ја обвини Германската фудбалска федерација дека не успеала да го заштити откако се појавиле критики во врска со неговиот патриотизам.
„Ни треба #MeToo дебата за луѓето со мигрантско потекло“, вели Кан, кој живее во Германија уште како мал.
„Јас сум повеќе од еден идентитет. Јас се чувстувам како дома во Германија… но во исто време се чувствувам поврзан со друга држава“, рече тој. „Овие две страни се мешаат заедно, едната не ја исклучува другата“.
Хаштагот #MeTwo набрзо стана вирален и илјадници се вклучија во споделување на приказни за предрасуди и расизам во Германија.
„Добро си интегриран за еден Турчин“ и „Не носиш шамија“, се дел од примерите кои беа споделени со хаштагот.
Многумина споделија негативни искуства при потрага на стан или куќа, поради нивната боја на кожа или странски имиња.
„Кога не добивате одговори, но вашата германска девојка веднаш добива повратен одговор за истата понуда. Откако се зедовме и таа го промени презимето, и таа престана да добива брзи одговори“, напиша Огуз Јилмаз на Твитер.