Герила кампања на пешаците во Франција против лошо паркираните возила

Презаситени од луѓето кои не знаат да се паркираат и ги оставаат насекаде своите возила, Французите почнаа да им лепат налепници на непрописно паркираните, на кои пишува „Паркиран сум како г*мно“. Вакви налепници пешаците им ги лепат на оние автомобили кои ги блокираат тротоарите и велосипедски патеки, јавува Телеграф.

Пешаците и на велосипедистите во Марсеј на овој начин го возвраќаат ударот против возачите чии лошо паркирани автомобили се оставени насекаде и им го попречуваат нормалното и безбедно движење.  Тие ги купуваат налепниците и ги лепат на возилата со намера да ги навредат и предупредат возачите во градот кој е познат по метежот и кршењето на сообраќајните прописи. Налепници има во неколку бои, а „подносителот на жалбата“ може да ја избере онаа која ќе биде највидлива според бојата на автомобилот.

Организаторите на кампањата, групата „Revendic’Art“, соопштија дека се продадени илјадници налепници последните неколку недели. Ги купуваат не само пешаци и велосипедисти, туку и голем број возачи на автомобили.

„Идејата е да се олесни психолошката болка од секојдневното искуство од илјадници фрустрирани возачи, кои се принудени да се возат до 10 кат на паркингот, бидејќи на некои им се потребни три места за да се чувствуваат удобно”, изјави портпаролката на групата.

Пакет од 60 налепници чини 19 €, а организаторите велат дека лесно може да се отстранат подоцна, со миење на возилото. Истовремено, во рамки на кампањата се постираат на интернет и непрописно паркираните возила, при што се користи хаштагот  #gcum (Garé Comme Une Merde – Паркиран сум како г*мно) . Како што информираат иницијаторите, кампањата освен во Марсеј се шири и во Париз и останатите француски градови.