Герила акција во Скопје како најава за „Глобален протест за иднината“

Активистите од иницијативата „Friday’s for future“ на Камениот мост во Скопје изведоа герила акција. Акцијата претставуваше реконструкција на „времепловот“ низ кој поминува јавното мислење во врска со прашањето за климатските промени.

„На овој начин претставуваме едно меме, кое го покажува времепловот на тоа, како луѓето ги негираат климатските промени. Кога ќе сфатат дека тие климатски промени постојат и дека ние ги предизвикуваме, тогаш веќе е касно“, изјави за Радио МОФ Иво Босилков, активист на иницијативата.

Активистите од Скопје, заедно со младите во 1400 други градови, ќе излезат на протестот насловен како „Глобален протест за иднината“ закажан за 24 мај пред Владата.

При крајот на настанот, на младите им пријде поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, кој поразговара со нив и изрази поддршката на иницијативата.

Иницијативата која е инспирација за младите во повеќе од 150 држави е започната од 16 годишното девојче Грета Тунберг. Имено, Грета на 15 годишна возраст самостојно одржуваше протести барајќи итни мерки за климатските промени пред шведскиот парламент, а после некое време стана симбол на борбата.

Мартин Колоски