Генералниот секретар на ОН: Американската операција во Венецуела е опасен преседан

Воениот напад на Соединетите Американски Држави која резултираше со киднапирање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро е спротивна на принципите на меѓународното право, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро, а и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази загриженост за кршењето на меѓународното право.

„Воената операција која доведе до апсење на Николас Мадуро го крши принципот на неупотреба на сила, што е основа на меѓународното право. Франција истакнува дека трајно политичко решение не може да се наметне однадвор и дека само суверените нации можат да одлучат за својата иднина“, порача Баро на социјалната мрежа Икс.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва го осуди „тешкиот американски воен напад врз суверенитетот на Венецуела“ и самиот чин на заробување и одведување на неговиот венецуелски колега Николас Мадуро, велејќи дека верува оти САД поради воените напади сега преминале „неприфатлива граница“.

„Ваквите акти претставуваат сериозна навреда за суверенитетот на Венецуела и уште еден исклучително опасен преседан за целата меѓународна заедница“, напиша Лула во објава на платформата Икс. Лула претходно изјави дека вооружената интервенција во Венецуела би претставувала „хуманитарна катастрофа“ и му понуди на Бразил да посредува во споровите меѓу земјите.

Со бомбардирањето на венецуелската територија и заробувањето на нејзиниот претседател, границата е премината и постои закана за „зачувувањето на регионот како зона на мир“, напиша Лула, повикувајќи ја меѓународната заедница „силно да одговори“ на овие напади преку Обединетите нации.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изрази загриженост дека „меѓународното право не е почитувано“ при заробувањето и киднапирањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, изјави неговиот портпарол.

Гутереш верува дека американската операција претставува „опасен преседан“, поради што „ги повика сите актери во Венецуела да се вклучат во инклузивен дијалог со целосно почитување на човековите права и владеењето на правото“.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека, откако САД ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот претседател, меѓународното право мора да се почитува.

„Развојот на ситуацијата во Венецуела е драматичен и ние го следиме внимателно. Мора да се вратиме на вистинскиот пат кон деескалација и дијалог“, напиша Расмусен на социјалната мрежа Икс.

Инаку, по едностраната воена акција на Соединетите Американски Држави во Венецуела, Република Јужна Африка повика на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, според соопштението на Одделот за меѓународни односи на таа земја:

„Република Јужна Африка го повикува Советот за безбедност на ОН, телото одговорно за одржување на меѓународниот мир и безбедност, итно да се состане за да се справи со оваа ситуација. Властите на нашата земја ја сметаат оваа акција за јасно кршење на Повелбата на Обединетите нации, која им наложува на сите земји-членки да се воздржат од закана или употреба на сила кога е во прашање територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“, се додава во соопштението.

Фото: Гоце Цветановски