Владеењето на правото и концептите што ги штити, се централни во политичката дебата денес, истакна британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, кој присуствуваше на денешната конференција за независно ефикасно судство во заштита на правата и на слободите на граѓаните, а по повод Денот на судството.
Според Гарет, владеење на правото и неговите концепти се централни за Договорот од Пржино и за барањето одржлив излез од политичката криза.
„Во сите демократии, владеењето на правото е камен-темелник на кој се базираат слободата, праведноста, почитувањето, благосостојбата, сето она што навистина ни е потребно. Кога сè што правиме е изграденo врз тие темели, општеството ќе биде посилно, за граѓаните денес, како и за идните генерации“, рече Гарет.
Инаку, амбасадата на Гарет ги поддржа настаните организирани во Штип, Битола и во Скопје, а кои претходеа на денешната завршна конференција. Организатор на конференцијата беа Мисијата на ОБСЕ и од Здружението на судии на Македонија.