Гардијан: Скопје и Тетово се меѓу најзагадените градови во Европа

Скопје и Тетово се најзагадените градови во Европа, веднаш зад Сараево, покажува мапата што ја објавува британскиот Guardian. Според концентрацијата на честички во воздухот Скопје и Тетово се означени со виолетова точка, што означува концентрација до 100 микрограми на кубен метар.

Само Сараево е означено со црвена точка која означува концентрација до 372 микрограми.

Мапата покажува дека воздухот во македонските градови воопшто е прилично загаден –  Битола, Велес и Кочани се означени со розова точка која означува концентрација на честичките до 75 микрограми на кубен метар. Исто ниво на загадување имаат и Софија, Пловдив, Солун, Краков и други градови.

Светската здравствена организација (WHO) предупредува дека големото присуство на вакви честички во воздухот може да предизвика бројни хронични и акутни респираторни проблеми, на кои не се имуни ниту децата, ниту возрасните.

Колку за споредба, смртноста поврзана со квалитетот на воздухот се намалува за дури 15 проценти со подобрувањето на воздухот од 70 на 20 микрограми на кубен метар.

Извор: Кајгана