„Game of Thrones“ е забранета за учениците во турските воени училишта

Турската војска им забранила на учениците во во воените училишта и академии во земјата да ја гледаат хит-серијата „Game of Thrones“ , јавуваат турските медиуми повикувајќи се на весникот Џумхуријет. Потегот на воените власти доаѓа во исто време кога на академиите од ваков вид во земјата за првпат се воведува задолжително изучување на Исламот.

Според извештаите, изменет е правилник за средно образование, во кој е додаден член во кој се воведува „заштита на учениците“. Новиот член забранува емитување на продукции во кои се промовира „сексуална експлоатација, порнографија, егзибиционизам, малтретирање и сите форми на лошо однесување“.

Ова не е првпат серијата да предизвика контроверзи во турската војска. Во 2012, четворица офицери се отпуштени од војската поради тоа што им дозволиле на своите кадети да гледаат „Game of Trones“.

Овој пат, забраната за серијата е официјализирана, но новите правила, заедно со воведувањето веронаука, се сметаат и за подотворање на вратата за влез на исламското влијание во војската. Контроверзите околу оваа тема во Турција се уште еден тест за секуларноста на државата и за влијанието на религијата во државните работи. Турската војска низ историјата била еден од главните столбови на секуларноста на земјата, а таа повеќепати интервенирала со воени удари за да се спречи преголемо доближување на верата и државата, кое е забрането со турскиот устав.