[Галерија] Започна третото издание на програмерскиот маратон Codefest

Под мотото „Истрага на местото на кодирањето“ започна програмерскиот маратон во Охрид „Codefest“ кој ќе трае денеска и утре. Организатори на настанот се студенти и дипломци на од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, кои по своја идеја и иницијатива започнаа да го организираат овој настан.

Маратонското програмирање на Codefest трае 32 непрекинати часови во текот на кои тимовите работат на развивање на демо продукти базирани на креативни и иновативни идеи. Истакнати професионалци од ИТ, крeативни и бизнис области од Македонија и странство се вклучуваат во настанот во улога на ментори и жири, и им помагаат на учесниците во реализацијата на своите прототипи.

„Досега сите покажаа голема возбуда и се надеваме дека таа возбуда ќе трае и во следните 32 часа. Тимовите ги презентираат нивните идеи и веќе работат на нив. Најдобрите реализирани идеи ќе добијат награди. Очекуваме добри резултати, многу дружење и пред се многу забава“, вели Ермира Алиу, една од организаторите на настанот.

Од друга страна, на Codefest се вклучуваат и компании од ИТ и бизнис секторот, со цел да го поддржат настанот и истовремено да ги запознаат младите таленти и да им понудат можности за вработување или поддршка на нивните проекти, а истовремено и да покажат општествена одговорност. Голем број на компании, национални и интернационални, се вклучија во реализацијата на Codefest 2015, како Vedel IT, Arvixe, Telerik, DomainME, GitHub, Pluralsight, конференцијата SparkMe и уште многу други.