Протест на иницијативата „Коце врати ни ги улиците“

Со положување венец пред бараките на Град Скопје и легнати велосипеди на Илинденска, неколку стотини граѓани излегоа на протестот организиран од иницијативата „Коце врати ни ги улиците“ за да му оддадат почит на прерано загинатиот велосипедист, 13-годишниот Давид, но и да потсетат на сите трагично загинати жртви на скопските улици-пешаци и велосипедисти. Од Град Скопје протестот го нарекоа невкусна политичка игра.

Протестот почна во 13 часот кај фонтаната „Лотосов цвет“, пред Градскиот Парк, на местото каде минатата седмица животот трагично го загуби младиот Давид од несовесен возач. Оттука насобраните граѓани продолжија да се движат низ стариот дел од Градски парк, каде Давид со другарите последен пат го возел својот велосипед, за да заврши пред канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски, во бараките на Град Скопје.

„Коце, оди си“, извикуваа насобраните граѓани кои пред канцеларијата на градоначалникот положија свежо цвеќе. Потоа следеше молк за загинатото момче.

„Овој марш е еден од попотресните, оти има 66 жртви во последните месеци во Македонија. Бараме дговорност од оние кои се одговорни за инфраструктурата, и затоа сме тука кај Коце, кој се фали дека инвестира, но тој изгледа не се грижи за пешаците и велосипедистите, нема доволно тротоари. Бараме инфраструктура за сите нас, не само за моторните возила. Коце врати ни ги улиците, грижи се за сите граѓани, ако не можеш дај си оставка, оти се докажа дека си неподобен да бидеш татко на градот“, му порача на градоначалникот, водителот и активист Огнен Јаневски.

Од Град Скопје пак се огласија со писмена реакција во која е стои дека не ја разбираат „потребата од грубо лажење на јавноста дека за овие сообраќајни несреќи е одговорен Град Скопје или градоначалникот“.

„Неколкуте сообраќајни несреќи кои организаторите на оваа група ги посочуваат како причина за денешниот протест, се случија поради невнимание на лицата кои управуваа со моторните возила, а не поради недостатоци со сообраќајната инфраструктура или со недостатокот на хоризонтална и вертикална сигнализација (обележан пешачки премин, обележани сообраќајни летни, сообраќајни значи, поставени семафори…). Во последните две сообраќајни незгоди каде животот го загубија велосипедистите, истите се случија на обележани пешачки премин за велосипедисти со црвена боја“, стои во реакцијата од Градот.

За помалку од една година, на скопските улици загинаа петнаесетина пешаци и велосипедисти.  Денеска почина и шеесетгодишниот велосипедист кој вчера беше прегазен на Партизанска.