[Галерија] Започна протестот „Македонија против насилство врз животните!“

„Во Дрисла ја закопавте вашата совест“, „Жртви на Вардариште“, Додека се убиваат животни ќе се убиваат и луѓе“, „За ова ли плаќаме данок, ова ли е хуманиот третман на Македонија?“, се меѓу транспарентите кои можат да се забележат на јавниот собир „Македонија против насилство врз животните!“.

Неколку стотици граѓани на плоштадот „Македонија“, излегоа да им се обратат на институциите и јавноста, и да кажат „не“ на насилството и теророт кои во изминатиот месец се извршуваа над животните. Наместо скандирање, од толпата може да се слушне само лаење – голем дел од присутните на собирот излегоа со своите миленичиња.

„По трите несреќни случаи на угризи од кучиња, кои без исклучок и со потврда и од Агенција за храна и ветеринарство беа предизвикани од кучиња со сопственик, а ниту едно бездомно куче; во кои како пресуден по одговорност (согласно закон) е човечки фактор, ова е сликата на улиците на Македонија! Кучиња кои се застрелуваат, кучиња се бесат; отрови кои за 10 минути би убиле и човек се расфрлани по градови и села, на шеталишта, покрај училишта и градинки; наменети за маалски кучиња и мачки кои се тетеравеле, плукале крв, се угушиле во сопствените повраќаници пред очи на растревожени минувачи и неретко деца. Труењата се случуваат истовремено, синхронизирано и веруваме дека удел имаат и општините“, објавија од Организацијата за права на животните „Анима Мунди“.

Тие порачуваат итно да запрат овие дела и итно да се преземат мерки за истрага и приведување на сторителите.

„Потенцираме дека е прашање на време кога од отровите ќе настрада човек или дете зошто за жал во Македонија отрови слободно се купуваат и масовно злоупотребуваат, а за тоа никој не одговара!

Сетто што се случува е резултат на институционалната некомпетентност, инертност и молк!“,  заклучуваат.

Активистите и граѓаните потенцираат и дека е потребна масовна стерилизација на животните, а не нивна елиминација. Бараат и полиција за животни која би спречила насилство над животните, забрана на слободната продажба на отрови кои се опасност за здравјето и животот на сите животни, но и на луѓето, и воведување на казна затвор за насилниците на животни.