[Галерија] Уште едно одлично издание на Вевчанскиот карневал

Голем број посетители, многу маски, хумор и незаборавни случувања годинава беа дел од Вевчанскиот карневал кој се одржува од 12 до 14 јануари во струшкото село Вевчани. Учесниците преку своите маски, кои како што појаснуваат ги подготвуваат и осмислуваат поголемиот дел од годината, го претставија вевчанското и македонското секојдневие и потсетија на општествените проблеми.

Претставувањето на маските во текот на вчерашниот ден траеше околу два часа во кои публиката се забавиваше, а Василичарите преку сатира, солзи, смеа, креативност и уметност, вешто и лукаво, иронично и саркастично ги коментираа тековните општествени случувања.

„Ова е долгогодишна традиција. Прав Вевчанец не може да не сака да биде Василичар“ вели еден од учесниците.

Опфатени беа проблемите на студентите, особено во високото образование, се исмеваше проектот за здрава исхрана, „Јужен тек“ беше претставен како потоп, а се оддаде и почит на загинатите во нападот на францускиот сатиричен весник „Шарли Ебдо“.

Учесниците не пропуштија на креативен начин да ги искритикуваат и последните проблеми со електричната енергија во Вевчани, селото кое при првиот снег со денови остана без струја.

Карневалот пак започна со отворањето на продавница за сувенири во Вевчани од страна на министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска и градоначалникот на општината, Цветомир Угриноски.

„Вевчанскиот карневал десет години се одржува под покровителство на Министерството за култура и во континуитет расте бројот на домашните и странските посетители кои секоја година се дел од оваа престижна манифестација која ги презентира автентичните особености во негувањето на традиционалните обичаи за празникот Василица“ – изјави министерката Канчевска-Милевска.

Низ општината продефилираа околу 10 000 посетители кои во вечерните часови можеа да уживаат во настапот на групата „Љубојна Брас Фантази“ и изведбите на фолк пејачката Елена Велевска.

Текст: Александра Филипова

Фото: Тамара Ѓуроска