[Галерија] Уметност во уво на игла

Вилард Виган е скулптор кој своите минијатурни дела може да ги смести во уво на игла. Обработува секакви теми, најчесто од поп културата, а прави и преработки на дела од други уметници.

Делата на Вилард вообичаено се „врамени“ во уво на игла и детално може да се разгледаат со микроскоп.

За да изработи една скулптура му се потребни недели, понекогаш и месеци, а користи алатки за длабење кои сам ги изработува. Работи со различни материјали, од зрна ориз или шеќер, до најлонски влакна и тенки ливчиња од сребро. За некои од неговите скулптури користи дури и пајакова мрежа.

Секое најмало движење може да ја уништи скулптурата, затоа Виган се труди да влезе во медитативна состојба додека работи. Тоа му помага да го забави биењето на срцето, да го намали треморот во дланките и да скулптурира меѓу две пулсирања.

Своите вештини ги развил поради тешкотии при учењето и малтретирање, па се повлекол во својот минијатурен свет.

„Ја имам најстабилната дланка на планетата“, вели Виган. „Со задоволство би прифатил предизвик да се натпреварувам со машина за да создадам помала скулптура“.

Извор: Guardian