[Галерија] Убавините на Шара – планината која чека да стане национален парк

Шар планина, или „Македонија на мало“. Една од најголемите и најбогатите планини со природни вредности на национално ниво е пример за тоа на какви сè начини се уништува природата, почнувајќи од голем број на мали хидроцентрали кои се градат, до нелегална сеча и дивоградби длабоко во планинските ридови. Вака ја опишува актуелната ситуација Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.

Таа вчера заедно со претставници од Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово организираа еднодневна „оф роуд“ тура за фотографирање и снимање на убавините на Шар Планина на која учествуваа љубители на природата.

Го посетивме локалитетот „Бугарски колиби“ со прекрасниот поглед кон врвот Враца и отидовме низ пределот Шарски Води. Сепак, поради лошото време, изостана пешачењето кон Црно Езеро.

Учесниците на турата за време на посетата на „Бугарски колиби“

Долж патешествието се забележуваа и повеќе нелегални сечи на дрва, како и куќарки среде ливади.

Како што процесот за прогласување на Шара за национален парк се доближува до финале, односно презентирање на предлог-законот и негово гласање во Влада и Собрание, така погласни стануваат негодувањата на локалци, смета Пандурска-Драмиќанин.

„Веројатно како се актуелизира и оди на повисоко институционално ниво самиот процес, локалното население бара многу поконкретни одговори од институциите за тоа што ќе значи самото прогласување на национален парк, односно што ќе биде дозволено и што ќе биде забрането за нив конкретно за луѓе кои живеат на планината и во подножјето на Пар Планина“, надополнува таа.

Пандурска-Драмиќанин уверува дека традиционалните практики како што се земјоделството и сточарството и понатаму ќе се одвиваат нормално, меѓутоа идната установа Национален парк ќе треба да има многу предизвици и да има сериозна улога во однос на чување на теренот.

„Улогата на идната установа Национален парк Шар Планина ќе биде да воспостави ред кој моментално недостасува на терен, односно да се управува на одржлив начин со природните ресурси. Тоа значи дека во зоната за строга заштита нема да може да се одвиваат некои активности кои сега се одвиваат. Доколку има организирано движење, без разлика дали е од планинари, рекреативци, научници… да биде пријавено во националниот парк како што тоа се случува и во други национални паркови, не само во државата, туку и во странство. Во втората зона ќе продолжат оние традиционални практики, меѓутоа не ќе може да се прават големи промени на теренот кои подразбираат инфраструктурни објекти. Во последната зона, која се нарекува за одржливо искористување, тука веќе ќе може да има и инфраструктурни објекти и ткн“, образложи таа.

Со турата официјално завршува јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк која ја спроведуваше Центарот за едукација и развој и платформата „Пријатели на Шара“ со поддршка на Канцеларијата за животна средина на ОН – УНЕП и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Кампањата траеше речиси три месеци, а започна со организирање рурално кино во четири села, каде се прикажуваше филм поврзан со природните вредности на Шар планина и придобивките ако таа се прогласи за национален парк. Покрај ова, во други три населени места се реализираа рурални форуми кеде е презентирана Студијата за валоризација за природните вредности на Шар Шланина, односно зонирањето на идниот национален парк. Збор станало и за придобивките кои населението би ги имало кога ќе продолжи да живее на планината.

По ова, следуваат јавни расправи на кои жителите, граѓанските организации и институциите ќе треба да ги дадат своите сугестии и забелешки за нацрт-законот и другите документи со кои ќе треба да се заштити природата и биодиверзитетот на Шара.

Во меѓувреме, нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи www.ener.gov.mk и на веб страната на министерство www.moepp.gov.mk, а сите засегнати страни можат да достават коментари, забелешки и консултации најдоцна десет дена од одржувањето на последната јавна расправа, односно до 25 октомври 2020 година на infoeko@moepp.gov.mk.

*Периодов подготвуваме и поткаст каде повеќе ќе се фокусираме на проблемите кои се случуваат на оваа планина.

Е.П.