Трет ден како трае окупацијата на техничките факултети, откако Пленумците пред два дена ја проширија автономната зона која првично ја создадоа на Филозофско/Филолошкиот факултет. Оние кои ноќта ја поминаа на Машинскиот Факултет и на ФЕИТ, уште од рано утрово со кафе во рака започнаа со своите активности.
Во релаксирана атмосфера, се одвиваше и Студентскиот пленум на кој се конкретизираа идните барања на студентите кои најавија дека набрзо ќе и ги претстават на јавноста.
Студентите за време на окупацијата, спроведуваат богата културно-образовна програма која вклучува дневни настани како што се алтернативни предавања на професорите од Архитектонски и Техничките факултети, ФЕИТ, Скопското Астрономско друштво, проекција на филмови, различни работилници прерформанси и игри кои се покажуваат интересни за студентите.
„Денешното предавање го одржа професорот Дејан Ѓорѓевиќ, на тема „Вештачка интелегенција“, но во принцип има голема заинтересираност од страна на професорите за држење на вакви алтернативни предавања, кои се од интерес и за студентите и за професорите“, изјави студент на Електро-машински факултет.
Како што велат, од самиот почеток на окупацијата пристигнале многу донации. Засега, имаат доволно ќебиња и вреќи за спиење, како и пијалаци, сепак донацијата на храна како млечни и сувомеснати производи е секогаш добредојдена.
Сепак, дел од нивните колеги од останатите технички факултети се уште одржуваат предавања иако Пленумци секојдневно одат по предавалните и ги замолуваат да им се приклучат.
„Мобилизацијата на останатите факултети се одвива така што наставата се бојкотира , со тоа што одредена група на луѓе ги прекинува студентите кои ја слушаат наставата по што се пропагира дневната агенда“, изјави Матеја, студентка на Архитектонскиот факултет.
Студентите се одлучни, не си заминуваат додека нивните барања не бидат исполнети. Тие се незадоволни од изгласаните измени во законот за високо образование, кои предвидуваат и воведување на државен испит на универзитетите. Тие сметаат дека е потребен нов закон кој ќе ги отсликува реалните потреби во високото образование.
Моника Кочовска