[Галерија] Тери Еванс на Блуз и соул фест – носталгичен звук од златното доба на блузот

Минатата вечер со незаборавен концерт на легендарниот блуз пејач Тери Еванс, беше отворено 20-тото издание на Блуз и соул фестивал.

Еванс, 79-годишен старец кој бавно и со тешкотија чекореше на сцената, пред микрофонот со гитарата в раце и неверојатно заразната насмевка и харизма, се чинеше дека е повторно во 80-тите, во златното доба од неговата кариера и поинакво време кога блузот бил многу повлијателен и слушан.

Овој искусен музичар со долгогодишна кариера, кој низ годините соработувал со најзвучните имиња на блуз и соул естрадата, моќно владееше со сцената и успеваше да ја насмее и распее публиката, составена од закоравени фанови на блузот, но и љубители од новите генерации. Сити Хол, иако со ограничен капацитет, беше преполн со фановите кои сочинуваат некакво јадро, и веројатно можат да се видат секаде каде се слушаат звуците на блуз.

Придружуван од бендот на одличниот гитарист Џо Коломбо, Еванс ги отпеја своите најголеми хитови, но и легендарната „Ain’t No Sunshine When She’s Gone“ на Бил Витерс на која публиката едногласно го придружуваше.

Тери пееше и во чест на својот пријател Бо Дидли, кој почина во 2008 година. Како што рече, „Бо беше озлогласен по тоа, да беше овде сите ќе ги натераше да пеете“. Во име на Дидли, присутните пееја и импровизираа заедно со блузерот.

После одличниот настап на Еванс, на Блуз и соул фест во вторник гостуваат Raw Hide од Србија и Били Мерѕиотис и After Hours од Грција. Билетите чинат 300 денари, а можат да се набават во Југотон и продажните места на Купи карти за се.

Стефанија Тенекеџиева