[Галерија] Татко ги фотографира своите деца за да ги покаже многуте лица на аутизмот

Глен Гемсон Бароус од Велс отсекогаш уживал да ги фотографира своите деца, особено неговата двегодишна ќерка Анеира, која има аутизам.

Со цел да ја покрене јавната свест и да ги отфрли митовите за состојбата на неговата ќерка, Гемсон Бароус, почна да фотографира други деца и возрасни со аутизам. Тој ги составил сликите во албум наречен „Magpie“.

„Се надевам дека овие фотографии ќе ги натера луѓето да мислат“, изјави таткото за Huffington Post, кој додаде дека луѓето треба да сфатат дека аутизмот не е секогаш видлив.

„Дете кое вришти во вашиот супермаркет не е секогаш непослушно. Стресните родители не се секогаш лоши. Дете што ги подредува работите, крие предмети, ја јаде храната на чуден начин или испушта чудни звуци, не значи дека е необразовано или грубо, само различно“. вели Гемсон Бароус.

Преку контактот со деца и возрасни кои имаат аутизам, тој забележал дека секој е уникатен.

„Сите имаат различни личности, опсесии, рутини, и понекогаш имаат тешкотии во комуницирањето и сфаќањето на се околу нив“, објаснува овој родител.

Тој, исто така, вели дека и кај многу други родители на деца со аутизам ги забележува истите грижи што тие ги имале со сопругата, за тоа дали и нивното дете ќе живее некогаш независно, ќе има добро образование, ќе стапи во брак и ќе има деца, ќе има ли пријатели, или пак, ќе биде малтретирано.