Полн амфитеатар студенти вечерва на Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии го следеа предавањето на професорот Зоран Ивановски, насловено „3D компјутерска визија“.
Првото стручно алтернативно предавање е дел од активностите на #АвтономнаЗона и Студентскиот Пленум, бидејќи како што велат студентите, окупацијата не значи борба против знаењето, туку e еден од можните начини на искажување на револт.
Холот на факултетот е местото за дневен престој, каде има и импровизирана кујна. Предвидено е студентите да преспијат во читалната на Машинскиот факултет, која ја прилагодуваат за нивните потреби.
„Се уште не знаеме точно, но се очекува да преноќат околу триесетина луѓе вечерва на факултетот“, изјави студентот Томислав Тодоровски.
Студентите велат дека на техничките факултети голем број граѓани во текот на целиот ден доставиле многу храна, ќебиња, вода и други производи, па затоа вечерва ќе биде направен инвентар за да се направи преглед дали имаат потреба од други донации.
„Окупацијата ќе продолжи додека не видиме дека она што е ветено навистина ќе се исполни, и очекуваме да се формираат тие работни групи кои ќе работат на изработка на комплетно нов закон за високо образование“, изјави еден студент од овој факултет кој сакаше да остане анонимен.
Министерството за образование и наука денеска соопшти дека тие предлагаат првата средба на работните групи да се одржи во понеделник. Предвидено е работните групи кои ќе работат на подготовка на нов Закон за високо образование, да бидат составени од студенти и професори од пленумите, претставници на УКИМ и претставници на МОН.
K.O.