[Галерија] Стрипот „Круг“ ја освои првата награда „Лифт“

Никола Панов ја освои првата награда „Лифт“ со стрипот „Круг“, второнаграден е Стефан Николовски со „The Letter“, додека третото место е на Оливер Цветковски со стрипот „Мафијашот, глувонемиот книговодител и отецот Рафаело“.

Наградите беа доделени на настан-изложба во МКЦ, со што заврши првиот конкурс за „Лифт“, чие жири го сочинуваа Никола Гелевски, Јана Јакимовска, Ласко Џуровски и Владимир Битољану.

За конкурсот зборуваше Гелевски, уредникот на „Темплум“, кој посочи дека  општиот впечаток за пристигнатите трудови е солиден.

Од доделувањето на наградите – Никола Гелевски заедно со победниците Никола Панов, Стефан Николовски и Оливер Цветковски (од лево кон десно)

„Приближно половина од стриповите заслужуваат објавување. Жал ни е што не влегоа во конкуренција два одлични и нови стрипа, бидејќи неодамна беа објавени. Добрата страна на конкурсот е што свои дела испратија претежно млади луѓе. Дотолку, авторот на најдобро оценетиот стрип е средношколец! А меѓу деветте најдобри влезе и шармантниот стрип на Марија Николаевска, која има само 14 години! Добро е, исто така, што голем дел од автор(к)ите доаѓаат од внатрешноста на земјава.

Тоа значи дека духот, креативноста и живоста сеуште престојуваат и надвор од Скопје (иако понекогаш изгледа поинаку, со оглед на запуштеноста на македонската провинција). Како за почеток, значи, првото издание на конкурсот за стрип наградата ‘Лифт’ во целина помина многу повеќе од солидно – одлично! Бидејќи сега го трасираме патот за оваа награда, која следниве години значајно треба да придонесе за подобрувањето на стрип сцената во нашата земја“, вели Гелевски.

Зад наградата, освен книгоиздателството „Темплум“ и графичкото студио „КОМА“, застанува и „ОХО“, здружението за едукација, комуникација и консалтинг.

Според организаторите, целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум.

„Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, велат организаторите.

На изложбата и во публикацијата се претставени деветте најдобро оценети стрипови од вкупно пристигнатите триесетина. Станува збор за стриповите на: Никола Панов, Стефан Николовски, Оливер Цветковски, Лазар Ангелов, Виктор Гаврилoски и Магдалена Мирческа, Јована Велинова, Кристина Неделковска, Марија Николаевска и Владимир Трајановски.

Наградите за тројцата најдобри и благодарниците за сите учесници ги изработи, во дрво, уметницата Калина Игновска. Наградите имаат и свој паричен дел.

Повеќе за изложбата може да видите и на Окно.
Фото: Небојша Гелевски