[Галерија] Сликите на Диала Бризли, надеж за децата од Сирија

Уметницата Диала Бризли побегнала од Сирија во 2013. Сега живее во Бејрут, но е добро позната во Сирија по нејзината дела кои ги објавува во детски магазин, кој за чудо, сѐ уште се печати и дистрибуира во земјата. Таа со свои зборови ја раскажува нејзината приказна за ВВС.

Магазинот се вика Зајтон и Зајтона. Порано се печатеше во Саракеб, но печатницата беше уништена од бомби, па затоа сега го печатат во Алепо. Печатењето и дистрибуцијата на магазинот се голем ризик.

Главната цел е да се потсетат децата дека се човечки битија и да се оттргнат од идејата да станат борци. Мислам дека овој магазин навистина им дава надеж.

Разговарав со некој кој го дистрибуираше магазинот на север и ми кажа за дете кое навистина го сака магазинот, но сега мора да оди да се бори. Не можел повеќе да го чита, бидејќи бил „забранет“.

Многу е важно децата да останат на прав пат, да знаат дека се човечки битија, а не дека само растат за да се борат или да се убијат во некоја војна во која не припаѓаат.

Се сеќавам кога сѐ уште бев во Сирија – девојче дојде да свири гитара за децата и кога ја извади гитарата, едно од нив почна да плаче и да вика. Мислеше дека е оружје. Ни требаа часови да го убедиме дека тоа е само инструмент.

Има толку многу нешта со кои е тешко да се справат. Тешко е за дете да го види својот брат со разнесена глава. Никогаш нема да го заборави тоа.

Сѐ уште се смеат. Понекогаш сакаат да си играат, но не им е удобно околу непознати.

Порано работев во импровизирани болници во Сирија, носев медицински инструменти и собирав пари и донации. Месец по месец стануваше сѐ потешко. Се сеќавам последниот месец, беше речиси невозможно и си мислев: „Тоа е тоа, не можам повеќе“.

Многу луѓе околу мене беа уапсени, а некои од нив беа и убиени.

Еднаш имав медицинска опрема под седиштето во автомобилот, па ме сопреа на контролна точка и сакаа да го проверат автомобилот. Но, имав среќа што војникот кој нѐ претресуваше беше малку пијан. Ми рече: „Ти си прекрасна девојка, можеш да одиш“. Си помислив, „О Боже, колку сум среќна“. Но, направи да се почувствувам дека не можам да останам.

Немаме земја, немаме дом.

Изгубивме многу.

Го изгубив мојот брат.

Секогаш мислиме, дури и за луѓето околу нас, дека ќе ги изгубиме некој ден. Па, секогаш сме подготвени за тоа.

Некои луѓе гледаат вести и си мислат: „О Боже, не можеме да излегуваме повеќе“. Затоа сакам да внесам малку надеж во илустрациите – да се соочам со трагедијата на поразличен начин.

Никој не сака да гледа мртви луѓе или експлозии. Не треба да го гледаат тоа повеќе. Дури ни јас, не можам да го поднесам тоа веќе.

Уметноста е подобро решение. Можете да вметнете филозофија во слика.

Дете работник

Биди мојата нога, јас ќе бидам твојата рака

Оставете нѐ

Девојче

Бегалци

Во мене