[Галерија] Шарената револуција со факели го исцрта бројот 1, истече рокот до ултиматумот

Голема единица синоќа беше „испишана“ со факели на булеварот „Климент Охридски“, како последна герила акција на Шарената револуција пред истекувањето на рокот до исполнување на нивниот ултиматум.

Граѓанското движење до денес (18 јуни), бара Уставниот суд да ја признае уставноста на СЈО, Владата и претседателот да поднесат оставка и да се формира преодна влада која ќе се придржува до реформските приоритети од извештајот на Прибе.

Уште 1 ден!

Галерија на Ванчо Џамбаски

Воедно, тие бараат и формирање на специјално одделение во Кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО. Меѓу барањата е и да се вклучат независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, кој според нив, треба да се одвива исклучиво на територијата на Република Македонија.

За понеделник, 20 јуни, Шарената револуција најави масовен протест. Доколку барањата не им бидат исполнети, велат, „ќе ја земат демократијата во свои раце“.

„Нашите ултимативни барања не беа исполнети. Тврдина на правдата, која граѓаните силно ја поддржуваат изминативе два месеца, сега е под сериозна закана. Груевски се плаши од затворот што го чека! Како граѓани имаме обврска да го спасиме СЈО од прангите на криминалците на власт“, пишува во повикот на Шарената револуција.