[Галерија] Семејствата бегалци покажуваат што понеле со себе кога ја напуштале Сирија

Кога бегале од нивните домови на почетокот на конфликтот, овие сириски семејства мислеле дека ќе се вратат за неколку денови. Шест години подоцна, сè уште во Либан и Јордан и без шанса да се вратат, тие низ фотогалеријата на Гардијан покажуваат кои се предметите кои ги понеле со нив кога го напуштиле домот.

Сите фотографии се на Ендрју Мек Конел од британскиот Црвен крст.

„Побегнав и само ја затворив вратата“, вели 36-годишниот Абдел Ихах ал-Шеик за неговиот дом во Хомс. „Сигурен бев дека ќе се вратиме. Немав понесено ни слика“. Абдел живее во стан под кирија во Либан со неговото семејство. Бил учител во Хомс, но не успева да најде стабилна работа во Либан. Месечни парични грантови му помагаат да се грижи за неговата сопруга која има хронична болест и да обезбеди храна за семејството.

51-годишниот Аднан Алгафари ги држи клучевите од неговата куќа во Сирија, единствениот предмет кој успеал да го земе кога со неговото семејство бегал во Јордан. Сега живеат на периферијата на главниот град Аман во стан кој го изнајмуваат. Претходниве шест години, според проценките преку 11 милиони сиријци ги напуштиле своите домови поради војна. 6,3 милиони се внатрешно раселени, додека 4,8 милиони луѓе се бегалци. Аднан работел како фармер пред да почне војната. „Изгубивме сè за што работевме целиот наш живот“, вели тој.

„Не можевме да обезбедиме храна за семејството, па моравме да ги преселиме нашите деца овде во Јордан“, објаснува Ахмад Теб Абу Шефех, на сликата со неговата петгодишна ќерка, Амани. Неговата сириска лична карта е сè што успеал да понесе со себе. Откако војната почнала, многу Сиријци биле раздвоени од нивните сакани и се борат во потрага по нормално засолниште или начин да заработат за живот. Ахмад и неговото семејство преживуваат од месечните средства кои ги добиваат од Црвениот крст.

„Работевме многу напорно да заштедиме и да изградиме наш дом – и одеднаш немаше дом“, вели Таина Таха Ал-Мусалмани која има 45 години и која избегала од Јордан со поширокото семејство откако бомба им ја уништила нивната куќа. Нејзиниот сопруг исчезнал откако се вратил во Сирија во обид да ја поправи семејната куќа. „Ми недостасува сè од Сирија, мојата куќа, моето семејство. Ми недостигаат дрвата, воздухот, земјата. Децата постојано прашуваат кога ќе може да се вратиме“, опишува Таина, фотографирана во средина.

Закван Мамдух Моен, неговата сопруга Ум Мамдух и нивните четири деца го напуштиле Хомс во 2012 година само со нивните пасоши и клучот од влезната врата. Од децата само 11 годишниот Мамдух се сеќава на животот во Сирија од каде има убави спомени со играњето на отворено. Во интензивните борби Мамдух бил ранет во ногата на шестгодишна возраст, додека таткото Закван бил ранет додека го возел повредениот син до болница во неговото такси. „Секој петок го носам семејството на пикник за да можеме да играме“, објаснува Закван за тоа како изгледал нивниот живот пред војната. „Сега тоа не можеме да го правиме. Животот е различен – надвор од наша контрола“.