Пустинските блузери од Мали го затворија „Оффест 2015“

Многу позитивна енергија, разиграност и огромен аплауз доби бендот од Мали, „Тинаривен“ кој синоќа на публиката во МКЦ и пружи двочасовна забава со традиционални номадски мелодии. Со настапот на овие таканаречени музички бунтовници заврши 14-тото издание на музичкиот фестивал „Оффест“.

Публиката не остана рамнодушна на хитовите „Cler Achel“, „Toumast Tincha“ и „Tenere Taqhim Tossam“ свирени во стилот попознат како „асуф“ што ја направи денсинг салата на МКЦ претесна за посетителите.

„Тинаривен“ е бенд познат по својата музика преку која води борба за остварување на правата на протераните номадски народи. Именувани како „пустинските блузери од Мали“ со нивниот албум „The Radio Tisdas Session“ од 2001 година стануваат популарни и надвор од регионот на Сахара. Нивната слава доаѓа со албумот „Aman Iman“ во 2007 година, а за време на синоќешниот настап, бендот се претстави со нивниот последен албум „Emmaar“.

Пред самиот почеток на концертот, се обрати директорот на „Оффест“ Оливер Белопета кој упати апел до градските власти да овозможат простор за одвивање на вакви манифестации. Тој искажа загриженост дека културните настани како овој фестивал би можеле да престанат да се случуваат во иднина доколку властите не се ангажираат повеќе.

Фото: Офф фест/Татјана Ранташа