Жители на Карпош денеска излегоа на протестен марш за зачувување на населбата Тафталиџе и целата општина од урбаната мафија. Протестот го нарекоа „маалски“, а е организиран од граѓанската иницијативата „Зелено Тафталиџе“ од каде велат дека ова е реакција на „ирационалните одлуки и постапки на претставниците на општина Карпош како институција“.
„Сакаме да го изразиме своето незадоволство за ситуацијата која се случува во моментов во Карпош, а посебно во населбата Тафталиџе 1. Над 25 висококатници се во изградба во Тафталиџе во моментов, и овој протест е организиран со цел тоа да престане. Неконтролираното градење на зградите е проблем, и ќе биде проблем бидејќи ни канализациите се реновирани, ниту било предвидено да има толкави згради. Чудесно е како некои соседи, или инвеститори добија дозволи да градат повеќекатници на места на кои претходно не можело да се изгради ни објект од три ката. Нашата цел е да се спречи т.н. урбанизација на Карпош и да се овозможи непречен и нормален живот на граѓаните на Тафталиџе“, изјави Филип Самарџиев, од „Зелено Тафталиџе“.
Маршот почна по 19 часот, од паркингот кај „Асиба“ на улица „Лондонска“, а пред повеќе локации каде се градат нови објекти демонстрантите скандираа „Стевчо -лопов“ и лепеа листови на кои беше прецртан ликот на актуелниот граданачалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Карпошани маршираа долж улицата „Варшавска“, средното училиште „Георги Димитров“, па се до комплексот „Настел“, за потоа преку улица „Прашка“ да се соберат во паркот на улица „Букурешка“, каде и претходно беа организирани протестни собири.