Голем број новинари, граѓани и активисти се собраа денеска напладне пред Апелацискиот суд во Скопје на најавениот протест поради пресудата од 2 години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Петнаесетина минути по почетокот на протестот, пред судот дојде и новинарот Кежаровски кој привремено беше пуштен од затвор само неколку часа пред најавениот протест. Присутните пред него ги спуштија маските со неговиот лик и го поздравија со извиците „Нема правда , нема мир“.
„ Ние денеска дојдовме да побараме слобода за Кежо. Неколку часа пред протестот тој е пуштен за да се лекува и повторно треба да се врати. Тоа значи дека не се суди според правила туку со сила и притисок. Нема да се откажеме, продолжуваме, тоа му го должиме“, изјави Тамара Чаусидис од ССНМ.
Присутните носат транспаренти меѓу кои „Суд ми е, двор ми е“, „Поздрав судии, Јустиција се срами од вас“ , „Сите сме Кежо“. Во знак на револт на почетокот на протестот тие застанаа пред влезот на апелации и со свирежи и извици побараа слобода за Кежаровски.
Од Апелација, собраните новинари и граѓани во поворка продолжуваат кон зградата на Владата, за и таму да го изразат своето несогласување со затворската казна за новинарот.