[Галерија] Протест – демонстрантите побараа оставка од министерот Тодоров

Голем број граѓани денеска маршираа во Скопје барајќи оставка и одговорност од министерот за здравство Никола Тодоров за случајот со Тамара Димовска, девојчето кое почина пред четири месеци додека чекаше да и бидат одобрени пари за лекување во странство.

На протестот присуствуваше и мајката на починатото девојче, Жаклина Димовска која имаше свое обраќање.

„Сето ова апелирам да не се злоупотребува бидејќи не сум член на ниедна партија. Партиите не ни се потребни за правдата. Ја барам правдата зашто мојата ќерка почина по три години одење по лавиринти и сега барам одговорност за смртта на мојата ќерка“, рече Димовска.

Маршот започна во близина на зградата на Владата, по што демонстрантите извикувајќи „Убијци“, „Имате ли деца“, „Правда за Тамара“, се упатија кон Министерството за здравство. Пред Владата се обрати новинарот и активист Огнен Јанески.

Фото: Протестирам

„Тамара треба да стане дел и од законодавството, за итните случаи да не се сведат на папирологија“, подвлече тој.

Од „Протестирам“ посочија дека претходните оставки на двајцата директори на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази не се доволни. Со овој протест тие ги потсетија институциите дека не е заборавен случајот со Тамара и побараа да не се повтори.

За време на протестот, демонстрантите одржаа  едноминутен молк за неа и сите, како што, велат жртви на Министерството за здравство.

Во продолжение, погледнете ги фотографиите од денешниот марш.