[Галeрија] Поплави: Ченто во кал, Стајковци во црно, Скопје во колапс

„Никогаш не ни се случила ваква поплава. За само две минути водата стигна висина од над 1,5 метар. Буицата носеше возила со себе, делови од куќи, покуќнини. Водата бликаше од сите страни. Среќа што можевме да избегаме на првиот кат од куќата, долу се беше под вода“, раскажува Благоја, 63-годишен жител на скопската населба Ченто, во делот кој се граничи со Сингелиќ.

Населбата беше една од погодените во синоќешното невреме во Скопје, кое однесе дваесет човечки животи во Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново. Утринава целиот дел од населбата беше во кал. Улиците беа блокирани од автомобили кои водата ги влечела со себе и оставила по улиците.

Иако веќе се беше повлекла, пустошот беше очигледен. Солзи, умор и револт, се читаше на лицата кај мештаните.

„Ние барем преживеавме“, вели жителка на Ченто. Раскажува како бегале од водата, но и како за влакно се спасиле нивните соседи кои чекале на кровот од куќата за да бидат спасени. „Си мислевме дека божем живееме во град, но не. Ги гледавме комшиите, а под нас имаше цела река од вода. Се довикувавме во темницата, пробавме да им фрлиме кебиња, беа мокри и премрзнати. Среќа стигнаа спасувачи, па ги земаа со себе, не сакам ни да помислам што можеше да се случи“.

Жителите од овој реон на Скопје велат дека не паметат ваква поплава досега. Прашуваат од каде дојде огромната количина вода во текот на невремето. Се надеват и дека ќе дојде некој од надлежните институции да види што се случува во нивните домови. Надежта испари со светнувањето на сонцето, по што почна потрагата по пумпи на бензин за испумпување на водата.

Во текот на посетата на овој реон, забележавме само една цистерна на „Водовод и канализација“, која испумпуваше вода од поплавен дом и неколку телевизиски екипи. Струјата е исклучена. Вода има, но е небезбедна за пиење.

Многу полошо поминаа жителите на Стајковци кои беа целосно отсечени по невремето поради однесениот пат. Утрово таму се бараше помош во храна и вода, поради калта и водата која на одредени делови се искачи и до 2 метри. Овде во расчистувањето на теренот помагаше армијата и полицијата. Штетите се огромни и во месноста Економија, под Арачиново, како и во селото Инџиково.

Големи поплави имаше и во реонот кај Цементарница, Кисела Вода, Козле, Волково. Поплавени беа и неколку клучни подвозници, како и скопската обиколница. Вчерашниот дожд во Скопје траеше неколку часа и целосно го блокираше градот. За вечерва се најавува нов дожд. Само да не потрае, коментираат жителите.

Ј.Ј.