[Галерија] Патот за подобро утре во (и преку) С. Македонија

Некогашната жешка точка, каде пред некоја година се случуваше низ областа да поминат илјадници луѓе, моментално зјае прилично празна.

Транзитниот центар „Табановце“ е една од точките на балканската мигрантска рута која е само пропратна дестинација за луѓето кои се во потрага за подобра иднина во развиените европски земји.

18 годишниот Имад од Авганистан е еден од петнаесетината луѓе кои се наоѓаат во транзитниот центар. Неговата замисла е да стигне до Франција. На овој пат тргнал заедно со неговиот братучед.

„Главната причина (поради која заминав н.з.) е дека во Авганистан е многу опасно. Талибанците, ИСИС….”, вели Имад.

Претходните десет дена, тој и неговиот братучед, ги минале пешачејќи од Грција кон С. Македонија.

Младиот Авганистанец вели дека неговиот брат-близнак работи во Франција, додека нивните родители сè уште се наоѓаат во Авганистан, но, дека и тие имаат план да одат на местото на кое Имад ја замислил својата иднина.

Во транзитниот центар, веднаш во близина на трпезаријата, Имад и другите мигранти, во една од просториите опремена со компјутери, можат да пристапат на интернет и да стапат во контакт со нивните блиски.

Во центарот беше и Арбнор Тефику, претставник од Центарот за управување со кризи (ЦУК) кој вели дека ситуацијата моментално е мирна. Додава дека бројката на мигранти секојдневно се менува.

„Секој ден може да се каже дека бројката се менува. Доаѓаат нови, идат, одат нагоре, надолу, излегуваат илегално. Тоа е. Не можеме да ги спречиме и да ги држиме како во затвор. На крајот, и тие се луѓе, не можеме да ги држиме“, вели Тефику.

„Моментално имаме 16 мигранти од повеќе земји, има денови кога бројката се зголемува, но имаше и денови кога бројката беше многу помала. Тука можат да дојдат сите мигранти кои сакаат да примат услуги што ги нуди кампот, здравствена, безбедносна, храна, облека и сè друго. Кампот е во одлична состојба и има капацитет за поголем број“, објаснува тој.

„Ми недостига мојата држава, но таму немав никаква слобода“

Педесеттина километри југозападно од Табановце се наоѓа Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, каде моментално се наоѓаат педесет луѓе.

Наидовме на 25-годишно момче од Авганистан, земјата од каде доаѓа и Имад.

Момчето, кое повеќе од една година живее во Скопје, вели дека сака да остане во земјава објаснувајќи ги причините зошто заминал од родниот крај.

„Во фамилијата имаше еден човек кој ме тепаше, задеваше. Кога бев таму ме тепаше и ми ја скрши ногата. Немав никаква слобода таму, тоа е една од главните причини. Ми недостига мојата држава, но немам никаква шанса“, изјави момчето.

Тој додава дека тука нема пријатели, и дека често е зафатен. Оди на работа. Преостанатото време го користи за одмор, набавки на намирници и за да си зготви нешто.

Потврдно одговара дека тука животот е поинаков, повторно објаснувајќи дека причината поради која ја напуштил државата не биле конфликтите, иако е уплашен за ситуација, туку, за како што вели, друга, поголема причина за него.

Капацитетот на центарот е 200 луѓе, а  максимумот може да достигне до 400, вели директорот на Прифатниот центар за бартели на азил во Визбегово, Владо Бислимовски.

Објаснувајќи ги процедурите, директорот на центарот вели дека за некој да дојде во центарот треба да поднесе барање за азил, а во рок од 24 часа треба да се направи интервју, да се спремат документи, да се направи здравствен скрининг, и на крај да се добие потврда од доктор, за влез во прифатниот центар.

„Претходната година имаше 300 баратели на азил, а оваа година се претпоставува да заврши со 500 кои побарале азил“, вели Бислимовски.

Тој објаснува дека во скоро реновираниот центар, за кој вели дека е работен по европски стандарди, доаѓа лекар три пати неделно кој обезбедува медицински услуги, а барателите на азил добиваат храна три пати дневно. Во центарот има и активности за изучување македонски јазик, а три деца кои се сместени таму одат на училиште, додека уште две треба набрзо да почнат.

Директорот објаснува дека во Центарот најчесто пристигаат луѓе од Пакистан и Авганистан, но напомена дека има и од Сирија, Ирак, Мароко, Русија, Босна, Германија, како и Турција.

Постапката вели тој, може да трае до три години, а генерално луѓето се одбиваат поради тоа што се економски мигранти.

Барателите на азил, после три месеци престој, можат да работат во склоп на центарот, а после 9 месеци, тие, смеат да излезат на пазарот на трудот и да работат надвор од центарот.

Во склоп на ова, Бислимовски вели дека неодамна го контактирало претпријатие кое работи со храна, а кое барало луѓе кои би сакале да се вработат.

Радио МОФ во наредните денови ќе ги пренесе приказните и на мигрантите кои моментално се наоѓаат во соседните држави како Србија и Босна и Херцеговина.

Мартин Колоски