[Галерија] Отворено новото живеалиште за фламинга во скопската Зоолошка градина

Мала лагуна од 40 квадратни метри со многу зеленило, езерце и посебен дел за храна е новото, скопско живеалиште на јатото егзотични фламинга во Зоолошката градина.

Станува збор за живеалиште со површина од 40 квадратни метри и тераса со површина од 120 квадрратни метри.

На денешното отворање на живеалиштето, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, нагласи дека ова е едно од најубавите живеалишта за фламинга во зоолошките градини во Југоисточна Европа.

„Фламингата се едни од најегзотичните птици и јас очекувам дека токму на ова место ќе имаме голем број на посетители. Непосредно до него, се гради и новото живеалиште за пингвини. Очекуваме дека во текот на летниот период пред граѓаните ќе може да ги претставиме и пингвините“, истакна тој.

Зоолошката градина во Скопје е отворена за сите граѓани, а за посетителите воведени се потребните мерки за заштита од коронавирусот, како држење растојание, носење заштитна опрема и редовна дезинфекција на рацете.