[Галерија] Отворен „Скопје филм фестивал“ со „Бандата Кели“, Фелини и Кардула

Во Кинотеката на Македонија, со гости под маски и со здравствени протоколи, синоќа започна овогодинешниот „Скопје филм фестивал“.

На отворањето беше прикажан филмот „Вистинската историја на бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел, а потоа имаше проекција и на „Џулиета од духовите“ од 1965 година на култниот Федерико Фелини, чие творештво го одбележува изданието на фестивалот.

Освен почетната најава за ретроспектива на филмови по повод 100-годишнината од раѓањето на Фелини, како придружна програма е поставена изложбата на Зоран Кардула, домашниот истакнат уметник, дизајнер и активист.

Тој ги претставува своите верзии на 11 плакати токму од филмовите на Фелини. Изложбата ќе биде отворена за времетраење на фестивалот, а во галеријата можат да влезат ограничен број на посетители.

Трета година по ред, „Скопје филм фестивал“ ја реализира програмата „Денови на Квир кино“, која почнува денес од 21:30 часот со „Добре дојдовте во Чеченија“, свежо филмско парче на Дејвид Франс, приказна за група активисти кои ризикуваат незамислива опасност за да се спротистават на анти-ЛГБТК програма.

Пред овој филм, вечер од 19 часот на агендата на фестивалот се „Проба на оркестарот“ и „Тоби Дамит“ на Фелини.

Проекциите се на отворено. Билетите се бесплатни, но мора да се подигнат пред проекцијата заради ограничениот број на места. Посетителите треба да ги запазуваат мерките за заштита од Ковид-19, т.е. задолжително е носење на маски и држење дистанца.

Фото: „Скопје филм фестивал“