[Галерија] „Охрид SOS“: Отпадот кој се фрла во коритото на реката Черава во Албанија заврши кај Љубаништа

Огромни количини отпад, најголем дел пластичен, заврши на брегот на Охридското езеро, кај Љубаништа. Според иницијативата „Охрид SOS“, ѓубрето се насобрало преку реката Черава од албанската страна за време на обилните врнежи изминативе денови.

Оттаму велат дека ова се случува секоја година, кога повеќе или помалку, отпадот кој се фрла во коритото на Черава од Албанија го загадува делот кoј што се влева во езерото, во местото викано Сукот.

Александар Тасески

„Делот на Черава што е во Македонија е само течение и нема население или движење во тој дел, така што пластиката и останатиот отпад доаѓаат од Албанија. Со оглед дека Општина Охрид е збратимена со „Bashkia Pogradec“, очекуваме реакција од нивна страна, за да ѝ се укаже на албанската општина за негативните практики на локалното население, чии последици се видливи во вакви услови“, стои во соопштението на граѓанската иницијатива.

Александар Тасески

Според „Охрид SOS“, ова е само доказ за ниското ниво на култура на локалното население, непочитување на природата, реките, езерото, и нивно користење како депонија.

„Не е познато дали Реактивната мониторинг мисија на UNESCO, IUCN и International Council on Monuments and Sites (ICOMOS), која неодамна го посети Охридскиот Регион, била однесена во обиколка на коритото на реката Черава или други слични локации претворени во депонии“, додаваат тие.

Од иницијативата потсетуваат дека со политичка одлука на Комитетот за светско наследство, минатата година, неколку локации од албанската страна на езерото добија статус светско природно и културно наследство и беа вклучени во Охридскиот Регион.

Фотографии на Александар Тасески.