[Галерија] Објавено како ќе изгледаат реновираните блокови од Студентскиот дом „Гоце Делчев“

Државниот студентски Центар преку Министерството за образование и наука соопшти дека почнува со внатрешното уредување на собите во „В“ и „Г“ блоковите во Студентскиот дом „Годе Делчев“.

Од Центарот велат дека овие блокови се комплетно реновирани и опремени со нови тоалети и мини кујна. Внатрешното уредување на овие простории се однесува на изработка на мебел во брачните, двокреветни и апсолвентски соби, вклучувајќи ги и влезните хола во двата блока во Студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„Проектот е изработен според барање и насоки од страна на Министерството за образование и наука додека комплетното уредување се однесува на 2 влезни хола, 16 брачни соби, 256 двокреветни и 64 апсолвентски. Проектираниот мебел е дизајниран според затекнатата реконструирана и адаптирана состојба на собите, задржан е иницијалниот функционален концепт, и обезбедени се основните услови за потребите на корисниците на собите. Секоја соба вклучува кревет, работна маса, работен стол, гардеробер, елементи за одложување на облека, предмети, постелнина и книги како и флексибилен стол“, соопштија од Државниот студентски центар.

Неодамна Државниот студентски центар претходниов период промовираа и нова интернет-страница, а оттаму велат дека ги охрабруваат сите студенти, кои имаат проблем или идеа за подобрување на животот во студентските домови, да ја пријават преку алатката „МОЈ ДОМ“.

Слики: Државен студентски центар – Скопје