[Галерија] „Непредвидлива пролет“ – изложба на скулптури и мурал на Ѓорѓе Јовановиќ во Штип   

Во склоп на овогодинешното Штипко културно лето, 35-то по ред, беше отворена „Непредвидлива пролет“ изложба на отворено – мурал на фасадата од ДНМ и изложба на скулптури од уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.

На отворањето на изложбата, Јовановиќ рече дека би било чудно, како уметници, ако не би реагирале на оваа пандемија, која самата по себе е уникатна.

„Таа не отвори проблеми само во поглед на здравјето, исто така и за многу слоеви во поглед на човечките релации. И повторно, почнавме да размислуваме за солидарноста, колку е важно да бидеме заедно, да си помагаме. Исто така, на тест се ставија нашата етика и морал. Многу уникатно време, многу страшно и стрестно, но, во исто време, можеме да бидеме ‘среќни’ што можеме да го посведочиме ова, со идеја дека ќе излеземе како подобри луѓе“, рече Јовановиќ, нагласувајќи дека покрај муралот, скулптурите се направени специјално за оваа прилика.

Ѓорѓе Јовановиќ има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а има реализирано повеќе во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек.

Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата.

Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности.

Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.

Реализирал повеќе самостојни изложби во државата истранство. Добитник е на бројни награди, меѓу кои Денес за млад визуелен уметник за 2009, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009,
Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10 Биенале на млади уметници, Музејот на современата уметност за 2013.

Фото: Дом на млади Штип