[Галерија] Најиконичните фотографии од бакнежи на сите времиња

Шести јули е датумот кој се одбележува како Светски ден на бакнежот. А, бакнежот за многу уметници послужил како инспирација и неретко токму тие дела останале запаметени како најдобри од нивниот опус.

По тој повод, подолу избор од десетте најиконични фотографии на кои е прикажан бакнеж.

„Рејограф (Бакнежот)“, Ман Реј, 1922

Надреалистичарот Ман Реј почнал да ги прави своите фотографии, наречени рејографи, во 1920-тите. Се работи за фотографија изработена без фото-апарат – позната како фотограм. Во нив, Реј објектите ги сместувал директно врз фото-сензитивна хартија и ги изложувал на директна светлина. Во оваа слика, една од неговите први рејографи, го искористил процесот на пар дланки, а потоа и пар глави – неговата и на неговата љубовница, Кики де Монпарнас.

„Елвис на 21“, Алфред Вертхајмер, 1956

Кога фотографот Алфред Вертхајмер ја прифатил задачата да го следи младиот Елвис Присли наоколу во текот на осум дена во 1956, ниту Вертхајмер, ниту Присли не можеле да го замислат размерот на славата на Кралот која штотуку доаѓала. Од таа сесија од илјадници фотографии, „Бакни ме кратко“, која фотографот ја направил на пат кон тоалетот, останува една од најиконичните (и најсекси) фотографии од таа ера.

„Братскиот бакнеж“, Режис Босу, 1979

Советскиот лидер Леонид Брежњев го посетувал претседателот на Германската Демократска Република (Источна Германија), Ерих Хонекер. Комунистичките лидери често се бакнувале во знак на формалност во тие времиња. Затоа, кога Хонекер и Брежњев се бакнале во устата, бакнежот не бил сфатен како шок, туку како ентузијазам. Од десетици фотографи таму, Босу бил единствениот кој го уловил моментот. Фотографијата била објавена во сите весници низ светот, а според неа е наслика и мурал на Берлинскиот ѕид.

Џон Ленон и Јоко Оно, Ени Лајбовиц, 1980

За фотографијата која ја направила пет часа пред Ленон да биде убиен, Лајбовиц рекла: „Тоа што е интересно е што таа рече дека ќе си ја соблече маицата, а јас и реков да остане сосема облечена, без воопшто претходно да ја осмислам фотографијата. Потоа, тој се склопчи до неа и беше многу, многу силно. Не можеше да не помислиш дека му е многу студено и се лепи за неа. Мислам дека и двајцата беа многу возбудени, тоа им беше прва фотографија направена со Полароид.

Џон рече: „Ни ја прикажа врската точно. Вети ми дека ќе биде на насловната“. Го погледнав во очи и се ракувавме““.

Ова е последната професионална фотографија на Ленон.

„Одовде до бескрајот“, Фред Цинеман, 1953

Оваа фотографија е една рамка од еден од најуспешните филмови во 50-тите. Кога Барт Ланкастер и Дебора Кер дошле на островот Оаху, Ланкастер ја добил идејата да се бакнат во моментот кога од нив се одбиваат брановите, со што ја зголемиле драмата. Можеби фактот дека Кер и Ланкастер биле во врска го зголемува интензитетот и автентичноста на сликата.

„Бакнеж на животот“, Роко Морабито, 1967

Фотографот од Џексонвил, Флорида, во 1968 година ја освоил Пулицеровата награда за оваа фотографија. Сликата прикажува двајца вработени во телефонска компанија. Рендал Чепмен е несвесен и виси надолу, откако го удрила стрија од високоволтажна соголена жива. Џеј Ди Томпсон го реанимира својот колега со дишење уста на уста. Можеби не е бакнеж споделен од романтични причини, но е моќен допир на усните и една од најпознатите фотографии.

„Бакнеж“, Тања Чалкин, 2002

Фотографката Тања Чалкин создала нешто сексуално, интимно, приватно, сентиментално и визуелно впечатливо во една фотографија. Иако се работи за фотографија на која субјектите позираат, има природност во бакнежот кој го делат двете девојки.

„Бакнежот на бунтот во Ванкувер“, Ричард Лам, 2011

Кога избија бунтови во Ванкувер, Канада, полициските сили и специјалните единици биле повикани да ја контролираат толпата. Кога специјалците ги турнале на земја Скот Џоунс и неговата девојка Алекс Томас, тие се бакнале. Ричард Лам ја направил фотографијата без да сфати дека парот се бакнува. Кога ги објавил фотографиите од бунтот во весник, се мислело дека е исценирана фотографија. Но, било откриено дека сепак се работи за момент на мир и невиност во хаосот и уништувањето.

V-J денот на Тајмс Сквер“, Алфред Ајзенштат, 1945

Фотографот Алфред Ајзенштат шетал низ Тајмс Сквер на Денот на капитулацијата на Јапонија и крајот на Втората светска војна, на 14 август 1945 година. Како што раскажува самиот, видел морнар како трча низ улиците и ја бакнува секоја жена која ќе ја сретне – млада, стара, сама или со партнер. Направил четири фотографии тој ден, чекајќи го точниот момент кога морнарот во темна униформа ќе ја избере вистинската девојка за прекрасна фотографија. Контрастот на белата униформа на медицинската сестра на неговата морнарска облека, додава тензија на сликата. Била објавена во Life Magazine наредната недела, а сè уште се смета за современа културна икона.

„Бакнежот пред градскиот хотел“, Роберт Доазно, 1950

Доазно ја направил оваа фотографија со Леика камера во родната Франција. Исто како и Ајзенштат, неговата најпозната слика е објавена во Life, на 12 август 1950. Фотографијата се смета за универзално препознаена – прикажува младешка љубов, без елементот на победа и војни.

Иако парот позирал за него, друг млад пар тврдел дека тие се на фотографијата и биле случајно сликани. Во 1992 година, фотографот и парот биле на суд за да го решат проблемот.

„Никогаш не би се осудил да фотографирам луѓе на таков начин. Љубовници кои се бакнуваат на улица, тие парови се ретко легитимни“, рекол Доазно, инаку внимателен и резервиран човек.

Откако починал во 1993 година, неговата ќерка рекла дека судскиот спор го полудувал.