Млечниот Пат, Галаксијата Андромеда и Маглината НГЦ 1977 се наоѓаат меѓу номинациите за овогодишната награда за „Инсајд инвестмент астрономски фотограф на годината“. Победниците ќе бидат прогласени на 23-ти октомври, а од 24-ти октомври во Националниот морски музеј во Гринич, Лондон, ќе бидат изложени сите победнички фотографии од последните десет години.
Меѓу кандидатите за најдобар фотограф на вселената за 2018 година се следниве фотографи:
Марк Ги од Австралија – За фотографија на Млечниот Пат кој се протега на ноќното небо над Нов Зеланд. Фотографот морал да ја направи фотографијата пред светлоста целосно да исчезне. За да се формира оваа панорамска фотографија било потребно да се поврзат 42 индивидуални слики.
Дани Казет од Шпанија – За фотографија на Меѓународната вселенска станица, уловена помеѓу две огромни сончеви дамки. Фотографијата е направена во Мадрид.
Пол Вилсон од САД – За фотографија на поларната светлина која сјае во розова и жолта боја над водата на брегот на Крајстчрч во Нов Зеланд.
Авани Соарес од Бразил – За фотографијата на Сатурн, втората планета по големина во Сончевиот Систем.
Џез Хјуз од Велика Британија – За фотографијата на Млечниот Пат кој се подига над едни од најстарите дрва на Планетата Земја во шумата со долговечни борови во Калифорнија. Овие дрва, кои растат на надморска височина од преку 3.000 метри, можат да живеат преку 4.000 години. Височината резултира и со поредок воздух и поглед на неверојатно темно небо.
Петер Фелоти од Унгарија – За фотографија на Галаксијата Андромеда и нејзиниот прстен од прашина во кој се наоѓа кластерот ѕвезди.
Брендон Јошизава од САД – За фотографијата на Млечниот Пат од внатрешноста на пештера во Малибу, Калифорнија. Фотографијата е направена со две експозиции, една за да се уловат деталите од темната пештера и една за да се улови Млечниот Пат. Двете експозиции се направени една по друга, без мрдање на камерата или промена на композицијата.
Карлос Ф. Туриенцо од Шпанија – За панорамската форографија која содржи осум фотографии на Млечниот Пат кој се појавува над Доломитите во Тре Чиме. Во десниот дел се уловени светлата од куќилка која го осветлува прекрасниот терен.
Тианјуан Џиао од Австралија – За фотографијата на Млечниот Пат кој надвиснува над невреме кое го осветлува небото над Флорида. Фотографот сакал да го покаже контрастот помеѓу стабилен и движечки објект на небото.
Џејмс Стоун од Австралија – За Млечниот Пат кој се издига над светилник во Тасманија.
Џејк Мошер од САД – За фотографијата на смрека исполнета со ѕвездени траги во чиј центар се наоѓа Северница, најсветлата ѕвезда во Соѕвездието Мала Мечка.
Питер Вард од Австралија – За фотографија за време на соларната еклипса, кога светлината на површината на Сонцето ги прекрива деталите на Месечината.
Марсел Дрешслер од Германија – За фотографија на Маглината Орел, позната и како М16, која е отворен кластер на ѕвезди опколен со затоплен водороден гас во Соѕвездието Змија, која се наоѓа на 7.000 светлосни години од Земјата.