[Галерија] Мурали кај новиот скејт-парк во Крива Паланка

Уметниците Андреј Митевски, Александар Наумовски, Љубиша Камењаров и Ѓорѓе Јовановиќ деновиве работеа на мурали кои ќе му дадат бои и живост на новиот скејт парк во Крива Паланка.

На муралите можат да се забележат скејтери, млади луѓе и нивниот спортски и слободарски дух, односот кон просторот и природата, а Јовановиќ својот мурал го посвети на актерката родена во Крива Паланка – Милица Стојанова.

Новиот скејт-парк е дел од активностите за уредување на просторот кај градскиот стадион во Крива Паланка, каде на почетокот на годината општината соопшти дека ќе се уредува и атлетска патека по стандарди на Светската атлетска федерација и ќе има и мини-голф терен.

Проектот „Подобра спортска инфраструктура, подобро здравје за сите“, како што беше најавено, цели кон младите во општината, учениците, спортистите и рекреативнците и нивна поголема вклученост во спорт и спортско-рекреативни активности.