„Во современиот глобален пандемиски тоталитарен контекст, во таа сеопшта изолација/виртуализација, на човештвото му се заканува прифаќањето на тоталната реализација на абнормалноста, која преку испланираниот еуфемистички општествен термин е промовирана како ‘нова нормалност’. Во ваквиот програмиран социјален инженеринг, покрај разнородните ограничени човечки активности, се одвиваат и секултурните презентации“.
Вака гласи дел од уводникот, предговорот на Конча Пиркоска за групната изложба на младите македонски графичари Ана Трајковска, Душан Стефановски, Ивана Секулоска и Јован Јосифовски, чии дела од вчера се наоѓаат на ѕидовите во Галеријата на МКЦ.
Предговорот не е некоја мрачна заговарачка загатка. Туку се обидува да донесе актуелен, но и глобален контекст од аспект на услови и протоколи што организаторите треба да ги постигнат за да може да се реализира ваква изложба. Истовремено, уметниците да добијат простор за презентација на визиите и креациите, а посетителите да можат да ја вкусат и уживаат во таа уметност во време на пандемија.
Затоа веројатно ова културно обединување носи едноставно име – „Изложба“. Дека се случува, дека може да се случува изложба, дека е потребна изложба. Истовремено да се сочува и физичко, и ментално здравје.
„Културата отсекогаш била нешто што треба не’ избави од секојдневието и лошите работи што се случуваат. Културата мора да живее. Ако не живее културата, ние би биле само едни медиокритетни роботи“, вели Ивана Секулоска, една од четворицата млади креативци.
Заедно со Секуловска и графичарката Ана Трајковска, опремени со маски, зборуваме на платото на МКЦ, додека во позадина луѓе на дистанца, во ред еден позади друг, чекаат да стапнат во Галеријата. Чекаат дезинфекција пред врата. Потоа мерење температура. Па, потоа влегување „на рати“, група по група од неколкумина, за внатре да нема премногу луѓе одеднаш.
„Ни се погодија и многу фактори за оваа изложба. Првично временската прогноза, бидејќи времето беше предвидено да биде дождливо, калливо, па сите бевме под некоја депресија ‘леле, никој нема да ни дојде’. Но, ова е супер глетка, што има посетители, што се расположени да видат што-како сме направиле“, вели Ана Трајковска.
Објаснува дека темата на изложбата е современа графика. Ја претставуваат графиката во различни полиња со нивни гледишта.
Односно, она што беше и претходно најавено – отстапки од канонизираното класично поимање на графичката уметност. Низ различни аспекти, преку манипулирањето со техничките, медиумските и стилски концепти, да претендираат да ги прошират границите на нејзиното поле.
„Пример, користиме рециклирани материјали што се користат како шут во графиката. Моите скулптури се буквално од линорез, вишокот што се фрла во ѓубре – јас правам скулптури од епоксидна смола. И, кажувам дека и тоа е графика, тоа е уметност, отпечаток што го остава самата техника“, објаснува Трајковска.
Графиката може да биде и колаж, дополнува таа, а тоа се делата на Дејан Јосифовски. Тој со сериграфија, со сито печат прави различни варијации на еден ист отпечаток.
Душан Стефановски, пак, го практикува оној момент што се вика „street art“ (улична уметност)“. Но, вели таа, Стефановски сака да пристапи на повисоко, галериско ниво. Затоа работи на материјали што повеќе се шут, најдени во отпад, како даски и лесонити. И врз нив има печатено со сито печат, користено печатарска боја, различни отпечатоци.
Ивана Секуловска потенцира дека пробуваат да го претстават процесот на изработка на графика, преку имплементирање на графичките техники. Таа има изложено со огромен тул. Тулот е материјал кој се користи во процесот за печатење.
„Тој материјал завршува како нус производ во графиката. Сакав да му дадам нов живот и да го рециклирам на некој начин. Но, ова не е толку рециклажа, колку давање на нова перспектива на еден од процесите кои се потребни за да се изработи една графика“, потенцира Секуловска.
Додека зборуваме со младите графичарки, на платото пред МКЦ пристигнуваат уште „староседелци“ – редовни посетители, но и свежина од лица и културни фанатици.
Обично периодов се допишуваат или гледаат по Фејсбук, Инстаграм, Месинџер, ЗУМ, Тимс… Сега имаат можност да бидат реципиенти на делата во Галеријата, истовремено да се социјализираат во живо, колку-толку, под маски, додека и самата скулптура со „Малиот принц“ пред МКЦ носи маска и ги потсетува на пандемиските текови.
„Го имаме тоа чувство дека, на некој начин, е апсурдно покрај сите рестрикции што се дадени. Но, штом ни е дадено, имаме дозвола за настани – убаво е чувството!“, вели Трајковска.
Според неа, генерално, творештвото за сите уметници кога почна пандемиската ситуација е малку побавно. Затоа што, вели Трајковска, за да се биде автор, активен уметник, мораш да бидеш покрај луѓето. Да бидеш социјално битие.
„Ти преку зборење со други луѓе откриваш нови дијапазони, откриваш нови знаење. И, со помош на тие инфлуенци создаваш нешто. A, сега, има моменти на затвореност, на ‘што ќе правам, што сега!?’. Ама, добро е што ни се пружаат вакви настани, понатаму да буткаме (со уметност н.з.) среде корона. И, нели, секогаш постои моментот и на онлајн изложба и презентација, така да, ни останува само да твориме“, констатира Трајковска.
Текст и фото: Бојан Шашевски