[Галерија] Матурантите изиграа квадрил на скопскиот плоштад со порака за ненасилство и толеранција

Точно напладне, повеќе од илјада матуранти од повеќе градови во Македонија и од Европа, на плоштадот „Македонија“ прво дадоа заклетва за ненасилство и толеранција, па го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на операта „Лилјакот“ од Јохан Штраус.

Матурската парада се одржува единаесетта година по ред.

“Со завршувањето на средното обрзование, пред вас стојат многу можности. Ви пожелувам да ги искористите новите предизвици кои, искрено се надевам, ќе успеете да ги совладате со својот младешки елан, енергија и ентузијазам. Денеска ќе се поврзете со уште стотици и илјадници матуранти од повеќе европски градови и ќе се приклучите на новата армија млади луѓе кои ги следат новите текови на прославување, но и на обединување. Се надеваме дека Вашиот пример ќе го следат идните генерации матуранти, кои ќе ја продолжат традицијата и ќе ја пренесуваат пораката за мир и толеранција во светот“, порача во своето обраќање градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

На годинешната „Матурска парада” во Скопје учествуваа ученици од повеќе средни училишта во Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица и од  Гевгелија. Во исто време со матурантите од Македонија „квадрил“ танцуваа матуранти од 120 града во 15 држави од централна и југоисточна Европа.

Покровител на годинешнава „Матурска парада“ е Градот Скопје, а организатори се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.