[Галерија] Марш на црвените чадори: Сексуалната работа е работа!

„Знаете ли колку пати сексуалните работници продавале љубов, а добиле ќотек? Колку им ги земале парите? Колку пати сакале да повикаат полиција, а им ги земале телефоните? Колку пати продавале љубов, а ги возеле на Водно, ги оставале боси и голи да се враќаат дома? Колку пати имале потреба од полициска и социјална заштита, а си легнувале со затворени усти? Нашата порака за декриминализација – не е легализација! Декриминализација значи уредување на правата на сексуалните работници и уредување на социјалната и здравствената грижа. Она што општеството го создава, системот има одговорност да го згрижи“.

Ова е една од пораките на сексуална работничка, која со мегафон во рацете денес го предводеше Маршот на црвените чадори од Спомен куќата на Мајка Тереза до плоштадот „Карпошово востание“ („Филип Втори“).

„Сексуалната работа е работа!“, викаше групата од сексуални работници и нивни поддржувачи од разни граѓански организации, кои го кренаа гласот против насилството. Истовремено, ги охрабрија институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на сексуалната работа.

Маршот го организираше СТАР – првиот колектив на сексуални работници, од каде потенцираа дека сите се раѓаат слободни и еднакви со своите права и достоинство. Подоцна, велат тие, секој индивидуално го користи правото на избор на професија, а многумина ја избираат најстарата.

„Наместо да станеме сојузници на системот во сузбивање на насилството, злоупотребата, силувањата и криминалот, сексуалните работници се турнати на дното, принудени да се кријат, во услови налик на крими филмови. Не постои магично стапче кое може да ги искорени, затоа што општеството има потреба од нив и природно ги создава. Многу лица со телесна попреченост своето право на сексуална автономија го остваруваат со сексуалните работници. Потребни сме на системот за другите да можат да ги остварат своите права“, апелираа сексуалните работници.

Извршниот директор на СТАР, Борче Божинов потенцира дека од осамостувањето на Македонија до денес, светот околу нас динамично се промени, меѓутоа земјава и понатаму гледа на сексуалните работници како еден општествен феномен, третирани единствено како жртви на слободниот избор на професија.

„Додека државата во изминатите три децении се преправа дека сексуалните работници и сексуалната работа кај нас не постои, или се јавува единствено како инцидент, ние имаме релеватни информации, релеватни докази дека таа постојано расте и енормно се зголемува. А, државата се уште нема воведено јасен нормативен систем кој ќе ги регулира овие дејствија и ќе се грижи сексуалните работници да ги интегрира во социјалните, здравствениот и правниот систем во државата“, потенцираше Божинов.

Во анализата која ја спроведоа правни експерти на ХОПС, опфатена со 310 сексуални работници, од седум градови, дури нешто повеќе од 86% од испитаниците изјавиле дека се соочиле со разни форми на проблеми во своето работење, заради нивната маргинализирана положба.

211 од 310 рекле дека биле жртви на различни форми на насилство, вклучувајќи сексуално, физичко и психичко. Во однос на насилството, дури 87% изјавиле дека биле малтретирани од клиентите, 43% претрпеле малтретирање или омаловажување од полицијата, меѓутоа имало и 28% кои биле малтретирани од семејствата.

„Во услови на репресивна национална политика и недостаток на соодветна институционална заштита, сексуалните сексуланите работници наоѓаат алтернативни начини за заштита, барајќи заштита во макроа, посредници, партнери или работејќи во групи во затворени простори, кои претставуваат заштитни мерки кои подлежат Кривичниот законик“, рече Божинов.

Тој повтори дека бараат декриминализација, што не значи легализација.

„Постојат форми на регулација –  тоа е декриминализација, депененализација или легализација. Истражувањата покажуваат дека е потребна декриминализација, односно оттргнување на сите оние членови од Кривичниот законик кои ги таргетираат сексуалните работници“, нагласи извршниот директор на СТАР, поздравувајќи го Министерството за здравство, за кое рече е „единствена институција во РМ која ги вклучува во превентивни програми, односно во Програмата на заштита на население од ХИВ и го користи сексуални работници како легитимен термин.

Инаку, иницијативата за одбележување на овој Меѓународен ден доаѓа од д-р Ени Спринкл со една единствена цел – поддршка на сексуалните работници од САД, како ден на кој се оддава почит на жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон.

Убиецот изјави: „Сакав да убијам колку што можев повеќе. Знаев дека никој нема веднаш да ги пријави за исчезнати, па дури можеби и никогаш нема да бидат пријавени. Собирав проститутки затоа што мислев дека можам да убијам колку што сакам од нив без да бидам фатен”.

Гери Лајон Ридвеј беше осуден на доживотна казна затвор и му беше изречена парична казна во висина од 10.000 долари за секоја убиена жртва на 18 декември 2003 година.

Фото и текст: Бојан Шашевски