[Галерија] Магија или хемија на дело – Хемиски спектакл на ПМФ

Студентите и професорите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, следејќи ја долгогодишната традиција на спектакли, вчера организираа уште еден креативен час по хемија, на кој изведоа неколку спектакуларни експерименти.

Десетина студенти и четворица професори од Институтот, преку хумор и глума презентираа повеќе „магии“, како што ги нарекуваа експериментите кои ги изведуваа за време на перформансот.

„Денешниот настан има две-три цели. Едниот е да ја популализираме хемијата, и тоа го правиме долги години наназад. Втората е, популизирајќи ја хемијата, да заразиме десетина – дваесет души да дојдат на студии по хемија, бидејќи идниот подмладок за нас е од клучна важност. Без подмладок не можеме вакви спектакли да правиме, не можеме ништо. Па така да ја популизираме хемијата и да обезбедиме колку можеме повеќе идни студенти, тоа би било за нас премија“, објаснува професорот Владимир Петрушевски.

Студентите на настанот правеа „магии“. Нешто пукна, нешто се запали, а нешто светна. Потоа професорот…како што вели тој, ја расипува магијата и објаснува дека всушност магијата на студентите  е хемиска реакција од неколку супстанци.

„Тоа е хемија на дело“, вели тој.

Според студентот Даниел Николовски, кој исто така правеше „магија“ на спектаклот, ваквите настани и вежби се од клучна важност за студентите.

„Формиран е новиот Клуб на студенти при ’Сојузот на хемичари и технолози на Македонија’, и студентите кои што учествуваат во овој спектакл се всушност членови на клубот на студенти. Клубот е новоформиран, и нашиот прв поголем настан да кажам, е овој хемиски спектакал“, рече тој.

Тие организираат по еден или два спектакли годишно, но оваа година имаа организирано три. Според професорот Петрушевски, овој спектакл е од посебно значење бидејќи оваа година се слави 150-тата годишнина од откритието на Периодниот систем на елементите пред јавноста.

Спектаклот се одржа во просториите на Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет, во организација на „Група среќни хемичари“ и на „Не толку среќни хемичари“.

Александра Субашиќ