[Галерија] Критична маса во име на сите жртви на сообраќајните насилници

Со поставување бел точак за спомен на Билаљ Љамалари, велосипедист кој почина откако беше удрен со автомобил на булеварот „Кочо Рацин“, и повик за свесност на сите возачи, синоќа се возеше 87-мата Критична маса низ Скопје.

Голем број велосипедисти се приклучија на групата која побара системско решавање на проблемите со безбедноста во сообраќајот, откако за еден месец загинаа двајца велосипедисти – едниот во центарот на Скопје, а другиот на регионален пат (Гостивар-Кичево).

Системската негрижа за велосипедистите уби човек, беше запишано на транспарентот кој заедно со белиот точак беше поставен на булеварот „Кочо Рацин“, на местото каде загина велосипедистот.

„Драги возачи. Секоја минута е важна, секоја насмевка и солза. Секој човечки живот е исто толку вреден колку и вашето брзање некаде. Вие одлучете дали сакате да се будите со чиста и мирна совест или со чувство на вина од кое не верувам дека ќе можете мирно да заспиете“, истакна Дарко Арсовски, од „НаТочак“ пред стотиците велосипедисти кои беа дел од синоќешната Критична маса.

Првично најавената рута, беше променета непосредно пред одржувањето на 87.Критична маса во Скопје од страна на полицијата. Така, наместо по „Илинденска“, велосипедистите се движеа по „Партизанска“, за рутата да ја завршат во паркот на Жената Борец.

Областите каде од „НаТочак“ сметаат дека треба да се преземат мерки за борба против „ноќните и денските ѕверки“ се инфраструктурата, сигнализацијата, Обвинителството и судот, но и медиумите.

„Многубројните сообраќајки (судири или удари) и условите кои бараат екстремна снаодливост и вештини дополнително негативно влијаат на одлуката луѓето да користат точакот како превозно средство бидејќи се чувствуваат небезбедни. Само најхрабрите се одлучуваат да се качат на точак, додека децата, родителите со деца, постарите граѓани, лицата со посебни потреби (кои би можеле да користат специјални велосипеди) поради степенот на загрозеност го немаат изборот да се движат на точак. Сите акции и кампањи за подигање на свеста за совесно возење автомобил кои се борат со овој проблем треба да имаат позадина која и физички ќе го наложи тоа, односно соодветна инфраструктура, а потоа и редовно контролирање и соодветно и сериозно казнување на прекршоците“, забележуваат оттаму.