Државниот инспекторат за животна (ДИЖС) средина утрово изврши вонреден инспекциски надзор на објектот на старата фабрика Купром во скопската населба Хром.
Надзорот доаѓа откако низ социјалните мрежи деновиве интензивно се дискутира за изворите на загадувањето во Скопје, особено во и околу општина Карпош. Граѓаните континуирано реагираат и алармираат за чад, но стравуваат и за загадување со метали. Многумина ja споменуваа и локацијата на Купром како можен загадувач.
Според ДИЖС, инсталацијата е Б-ИСКЗ (Б-интегрирана еклошка дозвола) и своевремено имала поднесено апликација до Градот Скопје. Тврдат дека објектот е надвор од функција околу 7 години, сопственикот е починат. Објавија фотографии со остатоците од некогашната фабрика и истовремено велат дека нема никаква активност.
„Во однос на големи инсталации кои се под ингеренции на ДИЖС повторуваме дека сите се во редовен процес Реплек, Воена Болница и Топлана Запад-во моментов не работи и како енергенс користат природен гас. Сообраќајот односно издувни гасови од возила автобуси камиони контролира Полиција преку техничките прегледи. Во однос на палења од локален карактер на смет и друго на јавни површини надлежноста е на Полиција и Овластените Комунални Инспектори и Комуналните редари од општините“, велат од Инспекторатот.